Карате спортот со уште едно значајно признание на свеченоста по повод доделувањето на наградите „13 Ноември“
Карате спортот е меѓу добитниците на највисоките спортски признанија на Град Скопје за 2026 година. На 57. свеченост на Сојузот на спортови на Скопје, одржана денеска во Спортскиот центар „Јане Сандански“, каратистот Матеј Белистојаноски беше прогласен за најдобар спортист на Скопје, додека Александар Кузманоски, селектор на македонската карате репрезентација во борби, ја доби наградата за најдобар тренер.
Признанието за Матеј Белистојаноски претставува потврда за неговите извонредни резултати и успешните настапи на меѓународната карате сцена во текот на оваа година. Меѓу најзначајните успеси се издвојуваат освоеното прво место на турнирот од Светската карате лига – Серија А во Тбилиси, златниот медал на Европското првенство за натпреварувачи до 21 година во Лимасол, како и златниот медал на Медитеранските игри во Таранто.
Наградата за најдобар тренер за 2026 година му припадна на Александар Кузманоски од Карате клубот „Олимпик“ – Скопје, кој како селектор на националната репрезентација во борби има значајна улога во подготовката и остварувањето на спортските резултати на македонските каратисти.
Наградите „13 Ноември“ се доделуваат од 1970 година, во чест на ослободувањето на Скопје, на спортисти, тренери, спортски работници и организации кои со своите резултати и придонес го унапредуваат спортот.
Карате Федерацијата на РС Македонија им упатува искрени честитки на Матеј Белистојаноски и Александар Кузманоски за добиените признанија, со желби за уште многу спортски успеси и нови меѓународни достигнувања.
Овие награди се признание не само за нивните лични успеси и посветеност, туку и за квалитетот, континуитетот и развојот на македонското карате.




