Во периодот од 13 до 15 ноември 2026 година, во Скопје, Карате Федерацијата на Македонија го реализираше Вториот судиско-тренерски семинар, наменет за тренерите и судиите од националниот карате систем.
Семинарот имаше за цел унапредување на стручните знаења, усогласување на примената на натпреварувачките правила и подигнување на нивото на судењето и тренерската работа во дисциплините ката и кумите.
Првиот ден – петок, 13 ноември, беше посветен на тренерите и судиите, кои во големата сала на Советот на Општина Кисела Вода присуствуваа на теоретски предавања и стручни презентации од областа на ката и кумите.
Вториот ден – сабота, 14 ноември, судиите беа ангажирани на судењето на Државниот турнир „Трофеј на Македонија“, при што присуството на сите судии беше задолжително. На овој начин, теоретските знаења и стандардите за судење беа применети и во реални натпреварувачки услови.
Последниот ден – недела, 15 ноември, беше посветен на судиите и опфати видео-презентации, теоретско тестирање и практични активности во дисциплините ката и кумите. Програмата вклучуваше тестирање, анализа на видео-примери од ката, како и практични вежби и полагања со и без присуство на натпреварувачи.
Во рамките на завршниот ден беше спроведено и полагањето за судиски и службени звања, при што кандидатите успешно ги положија предвидените проверки и се стекнаа со следниве звања:
Судиски звања:
1. Данка Стојкова – Judge A во ката и кумите.
2. Марија Манева – Judge B во ката и кумите.
3. Стефанија Николовска – Judge B во ката и кумите.
Звања за записничари:
1. Слободанка Ќириќ – записничар.
2. Џесика Арсова – записничар.
3. Виктор Спасов – записничар.
Вториот судиско-тренерски семинар претставува значаен чекор во континуираниот процес на едукација, стручно усовршување и развој на судискиот и тренерскиот кадар, како и во унапредувањето на квалитетот на карате спортот во нашата држава.
Карате Федерацијата на РС Македонија им честита на сите нови носители на судиските и службените звања за успешно положените испити и им посакува многу успех во понатамошниот професионален ангажман.




