< назад

Одржано годишно собрание на Карате федерацијата на Македонија

Со примена на сите мерки за заштита од COVID-19 препишани од надлежното Министерство за здравство, во малата сала при СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, Карате федерацијата на Македонија го одржа своето редовно годишно собрание. На собранието присуствуваа еминентни гости, амбасадорот на Јапонија, Неговата Екселенција Хирохори Савада, претседателот на Олимпискиот комитет Даниел Димевски, претставници на Агенцијата за млади и спорт и најдобриот спортист на 20-от Век Шабан Трстена, како и делегати од 54 клубови членки на КФМ. Беа разгледани и усвоени извештаите за работата во изминатата 2020 година како и финансиските извештаи, годишната програма и финансискиот план за 2021 година. Во изминатата 2020 година и покрај пандемијата предизвикана од вирусот COVID-19, Карате федерацијата на Македонија во првите два месеца успеа да ја реализира зацртаната програма, со организација на државното првенство за сениори во јануари, а на почетокот на март и државното првенство за деца.

Само во првите два месеца од имавме резултати со кои на Изборот на Спортисти за 2020 освоивме три спортски оскари, Вероника Костовска за најдобра сениорка, Роберто Ацковски за најдобар млад спортист и Магдалена Божиноска за најдобра млада спортистка. Вкупно од осум категории имавме шест финални номинации, што е огромен успех кој КФМ и каратето го оставаат на врвот на македонскиот спорт.

На меѓународен план нашиот главен адут Емил Павлов на последниот голем натпревар освои златен медал на Премиер лигата во Салцбург и беше во врвна форма непосредно пред прекинот на сите активности. Во 2020 имавме забележително учество и на Европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори (У21) во Будимпешта каде што нашите спортисти освоија два бронзени медала, Роберто Ацковски во У21 и Бојан Костов во конкуренција на јуниори. За жал, по ова првенство поради актуелната пандемија сите следни предвидени активности од календарот на натпревари на КФМ, како на меѓународен така и на национален план беа откажани или одложени. Сепак, нашите активности се базираа на основниот приоритет согласно укажувањето на Светската Карате федерација (WKF) со приоритет за заштита на здравјето на спортистите. Остваривме четири видео конференции со Светската Карате федерација и со Европската карате федерација, каде што беше истакната унитарноста на каратето во тешки услови на пандемија, но и зрела политика предводени од претседателот Антонио Еспинос. Во делот на надворешната политика, веќе неколку години имаме висок авторитет и одлични релации со WKF, EKF и регионалните карате организации. Во делот на активностите во период на карантин КФМ отвори "you tube" канал, каде што нашите најдобри спортисти дадоа пример за тренинзи во изолација, како порака до сите спортисти и граѓани. КФМ организира "on line" првенство во кати за деца, а преку видео конференција се одржа и судиско тренерски семинар. КФМ е меѓу првите федерации од индивидуалните спортови кои побараа и добија протокол за тренинзи и натпревари од Комисијата за заразни болести ори Министерството за здравство. КФМ имаше одлична соработка со поранешниот директор на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, што продолжува и ќе се унапреди со новиот директор Наумче Мојсовски. Исто така и со олимпискиот комитет, кој од неодамна на местото на Васил Тупурковски има нов претседател, Даниел Димевски.

КФМ е лидер во спортот и поради тоа што само во последните пет години во кои настапивме во натпревари под олимпискиот комитет, имаме повеќе медали од сите спортови заедно. Единствени сме според двата медала на Европските игри, трите медали на Медитеранските игри и освениот медал на Младинските олимписки игри, каде што настапивме со остварена норма. На официјалните европски сениорски првенства во последните 15 години имаме 17 медали, а единствени сме со европски шампиони и за мажи и за жени. Ние сме спорт кој подеднакво е успешен и кај сениорите и во помладите категории, застапени и успешни и во машка и во женска конкуренција, во борби и во кати и освен олимписки, не постои медал кој не сме го освоиле. Тоа го постигнавме главно во периодот од 2008 година, кога под водство на поранешниот претседател Драган Стојановски станавме најдобро организирана спортска федерација, а во таков стил и продолжуваме да се надградуваме. Имаме сегашност, а имаме и иднина и оттаму нашите главни цели во 2021 остануваат високи согласно стандардите кои ги достигнавме, а тоа се медали на европските првенства за сениори и во помлади категории, но пред се, борба за олимписка норма и борба за медал на Олимписките игри во Токио. Успеале или не, со поддршка на Агенцијата за млади и спорт и олимпискиот комитет ќе направиме услови за нашите спортисти да бидат во најдобра можна форма.

На овогодинешното собрание беше присутен и новиот амбасадор на Јапонија Н.Е. Хиронори Савада, кој во своето обраќање истакна дека е горд што каратето кое потекнува од неговата родна земја која е на толку високо ниво во земјава, и на организациски и на спортски план. Оваа година е посебна поради тоа што каратето ќе дебитира на Олимписките игри во Токио, каде што сите се надеваме дека ќе има и некој од македонските каратисти. Исто така, амбасадорот Савада најави дека успешната соработка на Карате федерацијата на Македонија и јапонската амбасада ќе продолжи и ќе се интензивира во наредниот период.

На собранието се обрати и претседателот на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски, кој истакна дека КФМ е пример за врвна спортска федерација, со сите неопходни фактори кои придонесуваат за успех во спортот, кои никако не може да се случајни. Тој најави дека во иднина очекува уште поголема соработка со федерацијата која има тројца олимписки стипендисти во тековниот циклус, од програмата на олимписката солидарност на олимпискиот комитет. Исто така и претставникот од Агенцијата за млади и спорт Филип Василевски потенцира дека КФМ е федерација за пример во спортот и АМС ќе продолжи и во иднина со поддршка на програмите на федерацијата, која секогаш возвраќа со својот однос и квалитетни резултати. Свое обраќање имаше и најдобриот спортист на 20 век Шабан Трстена, со инспиративни пораки до сите спортисти и тренери, да се подготвуваат најдобро што можат во олимписката година, која за сите нив е историска.