Нашиот репрезентативец Емил Павлов денес имаше прием кај директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски. На средбата директорот Каевски го истакна големиот резултат постигнат на последната К1 Премиер лига одржана во Салзбург, Австрија која што е уште една потврда дека Емил припаѓа во светската елита. За овој врвен успех тој ќе настојува Павлов да биде еднократно награден, како и неговиот тренер Сашко Арсовски.
Во своето излагање Емил спомена дека за него сега следуваат подготовките за Европското првенство за сениори кое кон крајот на месецот ќе се одржи во Баку, Азербејџан како и втората и најважна цел за овој период, борба на квалификацискиот турнир за Токио 2020 што ќе се одржи во почетокот на мај во Париз, Франција.