< назад

Сениорите на завршни подготовки за Европското првенство

Најдобрите македонски каратисти вчера ги почнаа подготовките за сениорското 54-то Европско првенство кое ќе се одржи од 28-31 март во Гвадалахара, Шпанија. Во хотелот „Гогов“ во Пехчево на завршните подготовки се каратистите кои се изборија за статус репрезентативци на националното првенство и „плеј оф“ турнирот, кои се одржаа минатиот месец. На листата репрезентативци се нашите најтрофејни натпреварувачи предводени од актуелниот европски шампион и најдобар спортист на Македонија за 2018 година Емил Павлов, Медитеранскиот шампион Берат Јакупи и освојувачот на бронзен медал на Медитеранските игри Жарко Арсовски.

Покрај нив се и Азис Исмаил, поранешен медалист на европско првенство за помлади сениори, европските шампиони до 21 година, Петар Спасеновски и Доан Османи, кои ќе се натпреваруваат во екипна конкуренција, како и најмладиот Фахик Весели, освојувач на бронзен медал на Младинските игри минатата година. Во женска конкуренција се Наташа Стефановска и Сара Радичевска кои во минатите години имаат пласмани на 5 место на континенталните шампионати, како и искусните Симона Заборска и Моника Стефановска.

Под водство на тренерот на државната репрезентација во кати Стојан Андриевски се најдобрите наши натпреварувачи, Фери Исиќ во машка и Пулексеција Јованоска во женска конкуренција, чиј најдобар резултат на европските првенства е на 5 место.

Тренинзите се одвиваат секојдневно и во салата во комплексот на хотелот „Гогов“, кој  понуди одлични услови за исполнување на планот на завршните подготовки на нашите најдобри каратисти, кои ќе останат во Пехчево до 24 март.

КФМ и нашите најдобри каратисти во поддршка на глобалната акција на Светската карате федерација WKF за каратето да остане олимписки спорт #Paris2024 #karate2024 #tsukiforkarate2024challenge