По повод историскиот успех и освојувањето на бронзениот медал на Фахик Весели на МОИ во Буенос Аирес, Македонскиот олимписки комитет заедно со Агенцијата на Млади и спорт одржа прес конференција.
Претседателот на МОК, др. Васил Тупурковски изјави дека неговата радост е огромна по овој освоен медал и дека ветува дека одличната соработка помеѓу МОК и КФМ ќе продолжи и во иднина.
Директорот на Агенцијата за Млади и спорт Дарко Каевски му честиташе на Весели за успехот и порача дека Агенцијата за млади и спорт заедно со Владата на Република Македонија ќе продолжи да му помага на каратето, како индивидуален спорт број 1 во нашата држава.
Весели се заблагодари на својот тренерски тим Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски кои имаат најголем удел во ова негово остварување и порача дека се надева еден ден да ги брани боите на Македонија и на Летните олимписки игри.
Тренерот на Фахик Весели, Александар Кузмановски се заблагодари на претседателот на Карате федерацијата на Македонија, Драган Стојановски, како и на целата федерација, без кои не би можеле да имаат одлични подготовки за ова натпреварување. Тој се заблагодари и на МОК и Агенцијата за млади и спорт кои ги помагаат нашите каратисти на сите големи натпреварувања.
Весели на МОИ го донесе првиот медал за Македонија во историјата на Младинските олимписки игри.