Во спортската сала Кале во Скопје се одржа Меѓународниот турнир „Трофеј на Македонија“ на кој покрај нашите каратисти, учество земаа и репрезентациите на Албанија, Бугарија, Косово, Словенија и Турција.
На свеченото отворање на присутните им се обратија претседателот на Карате федерацијата на Македонија Драган Стојановски, раководителот на секторот спорт при Агенцијата за млади и спорт Томислав Андоновски и генералниот секретар на Македонскиот олимписки комитет Сашо Поповски.
Агенцијата за млади и спорт беше покровител на турнирот кој главна цел имаше да ги промовира нашите каратисти пред македонската јавност и да ја заокружи годината во која имаше врвни резултати, пред се европското злато на Емил Павлов во Нови Сад. Настанот беше помогнат и од МОК со кого КФМ има одлична соработка и врвни резултати последниве неколку години откако каратето е олимписки спорт. Само во 2018 година нашите каратисти освоија 3 медали на Медитеранските игри во Тарагона и тоа златен на Берат Јакупин и бронзени на Жарко Арсовски и Ненад Келебиќ. Исто така, во Буенос Аирес Фахик Весели го освои првиот медал во историјата на македонскиот спорт на Младинските олимписки игри.
Во конкуренција на борби кај мажите до 60 килограми златото го освои актуелниот Европски шампион Емил Павлов, пред Омер Фарук Актеш од Турција и Горан Николовски и Марку Ардит. Во -67кг. првопласиран беше Турчинот Муратчан Дениз, а по него следуваа Давид Петков, Васил Ривов од Бугарија и Константин Василевски. Репрезентативец на Турција, Енес Булут беше најдобар и во -75кг. Како втор заврши Петар Заборски, а третопласирани беа Доан Османи и Стефан Петков од Бугарија. Шампионот од Медитеранските игри во -84кг. Берат Јакупи во македонското дерби во големото финале го совлада Петар Спасеновски, додека бронзени беа Виктор Крстевски и Самед Гок од Турција. Жарко Арсовски донесе злато за Македонија во тешка категорија пред Стефан Јоксимовиќ од Словенија и Арифи Лорик од Косово и Мартин Несторовски.
Кај дамите во -50кг. медалисти беа Ѓулсен Демитурк од Турција и нашата Драгана Манговска. Во -55кг. Асена Пекмезоглу од Турција беше прва, а потоа следуваа Моника Пендаровска и Јована Георгиева од Македонија и Албулена Џервала од Косово. Словенката Тјаша Ристиќ беше најдобра во -61кг. пред Наташа Стефановска, Несе Кимет Дикер од Турција и Аделина Рама од Косово. Единственото злато за Македонија во женска конкуренција го донесе Ангела Мојсовска во -68кг. која беше подобра од Бојана Манева во големото финале, а како третопласирани завршија Моника Стефановска и Каљтрина Меровци. Во тешка категорија златото го освои Бугарката Александра Стублева пред Хатиџе Халенур - Пунар од Турција.
Во конкуренција на кати кај мажите медалисти беа Енес Оздемир од Турција и Ферри Исиќ од Македонија, а кај дамите најдобра беше Турчинката Арзу Фирдевс - Коч, пред Верона Сала од Косово и Матеа Талеска од Македонија.
Најдобра репрезентација на Меѓународниот турнир „Трофеј Македонија“ беше Турција која освои вкупно 10 медали од кои 6 злата.
Македонија освои 4 златни медали, 8 сребрени и 9 бронзени, а по еден златен медал освоија Словенија и Бугарија.