Претседателот на Европската карате федерација Антонио Еспинос одржа видео конференција со претседатели и претставници на 40 европски национални федерации, кои дискутираа по две основни прашања, европското првенство за кадети јуниори и У21 и сениорското европско првенство. Хронолошки, во февруари беше планирано европското во помлади категории во Тампере, но со оглед на актуелната состојба со коронавирусот која го зафати континентот, како и потребата од резервации на авио билети и хотелски сместувања, но пред се здравјето на спортистите и сите официјални лица, донесена е одлука ова натпреварување да се презакаже за шест месеци подоцна, со нов предлог термин 19 до 21август следната година. Градот Тампере во Финска останува домаќин, првенството е планирано во спортската арена каде што во 2014 година Емил Павлов првпат стана европски сениорски шампион. Исто така, со оглед на се поголемиот број новозаразени од коронавирусот и очекуваниот прогрес на пандемијата во наредните неколку месеци, не се препорачува одржување на национални првенства во тој период. Особено што со новиот термин голем дел од децата за десет месеци ќе минат во повисока возрасна или тежинска категорија, па најдобро е тие првенства или изборни турнири да се одложат за напролет.
Во врска со второто прашање, европското сениорско првенство кое е планирано во мај во Гетеборг, од структурални и финансиски причини предизвикани од штетите од Ковид 19 најверојатно нема да се одржи во Шведска. Од неколкуте опции изгледна е понудата од азербејџанската карате федерација организацијата на овој континентален собир да ја преземе Баку, градот во кој требаше годинава да се одржи европското првенство.
Сите овие предлози треба да бидат верификувани во наредните денови од страна на Извршниот комитет на ЕКФ, кој будно ќе го следи развојот на ситуацијата со коронавирусот. Сите се согласни дека сениорско првенство мора да има и поради тоа што е дел од системот за квалификации за Олимпијадата во Токио, но и по откажувањето на последното европско, како и светското првенство во Дубаи.