< назад

Министерот за спорт го пречека светскиот шампион Марко Џорлев – историски успех за македонското карате

Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска во просториите на Министерството за спорт го пречека младиот македонски каратист Марко Џорлев и лично му го честиташе освоениот златен медал на Светското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори (У21), кое се одржа во Бјалско-Бјала, Полска.

На приемот присуствуваа и директорот на карате репрезентацијата, Арлинд Хусеини, тренерот на Џорлев, Жарко Арсовски, како и секретарот на Карате Федерацијата на РС Македонија, Игор Миноски.

Директорот на репрезентацијата, Арлинд Хусеини, исцрпно го информираше министерот за настапот на македонските репрезентативци на светскиот шампионат, со посебен осврт на извонредниот успех на Марко Џорлев и високиот пласман на Реџеп Рушити.

Џорлев го освои светскиот врв во категоријата кадети до 63 килограми, во дисциплината борби, откако во финалето го совлада унгарскиот натпреварувач Адам Баги со резултат 4:1. Со овој извонреден резултат, Марко испиша нова страница во историјата на македонското карате, станувајќи светски шампион во својата возрасна категорија.

Марко Џорлев е стипендист на Министерството за спорт во категоријата „Спортска надеж“. Светската титула претставува круна на неговата исклучително успешна натпреварувачка година, во која освои златен медал и на натпревар од Светската младинска лига во Пореч, додека на Европското првенство се пласираше на петтото место. Благодарение на постигнатите резултати, Џорлев се најде и на првото место на светската ранг-листа во својата категорија.

Значаен резултат на Светското првенство оствари и Реџеп Рушити, кој го освои високото петто место, потврдувајќи го квалитетот и конкурентноста на македонските каратисти на меѓународната сцена.

На шампионатот во Полска, Македонија настапи со вкупно 31 каратист, предводени од селекторот Дејан Ристески.

Карате Федерацијата на РС Македонија им упатува искрени честитки на Марко Џорлев и Реџеп Рушити, нивните клубови, тренери и стручниот штаб за постигнатите резултати. Светската титула и високото петто место се значајни успеси за македонското карате и потврда за посветената работа, талентот и вложениот труд на нашите натпреварувачи.

Честитки за Марко и Реџеп! Продолжуваме гордо да го претставуваме македонското карате на светската сцена!