< назад

Министерот за спорт ги пречека европските медалисти од Лимасол

Министерот за спорт, Борко Ристовски, оствари прием со младите македонски каратисти кои постигнаа извонреден успех на Европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори (У-21), одржано во Лимасол, Кипар.

На средбата беа истакнати резултатите што македонската репрезентација ги оствари во силна конкуренција од 1.276 натпреварувачи од 47 држави, при што Македонија настапи со 36 репрезентативци.

Злато за Белистојаноски, сребро за Младеновиќ

Најзначајниот резултат за Македонија го оствари Матеј Белистојаноски, член на карате клубот „Олимпик“, кој го освои златниот медал и титулата европски шампион во категоријата до 67 килограми (У-21).

Вториот медал за нашата земја го донесе Немања Младеновиќ од карате клубот „Металург“, кој се закити со сребрен медал во категоријата над 70 килограми, освојувајќи ја вицешампионската титула.

Финансиска поддршка и специјална програма

Министерот Ристовски најави финансиска поддршка за двајцата европски медалисти, кои ќе бидат вклучени во специјална програма за финансирање од страна на Министерството за спорт.

„Иако каратето не е олимписки спорт, неговата масовност и интересот што го предизвикуваат се доказ дека се движиме во вистински правец. Овие млади спортисти достојно ја претставија Македонија и ги промовираат вредностите за кои се залага Министерството. Ќе работиме и на тоа каратето да добие уште поголема поддршка, затоа што продуцира резултати и вистински спортски вредности“, истакна министерот Ристовски.

Горди на европскиот успех

Златниот медалист Матеј Белистојаноски изјави дека ова е негов втор европски медал, но прв златен во кариерата.

„Горд сум што ја претставив Македонија во најдобро светло. Се надевам дека во иднина ќе освојам медал и во сениорска конкуренција“, изјави Белистојаноски, заблагодарувајќи се за поддршката.

Немања Младеновиќ, кој од Лимасол се врати со сребрен медал, истакна дека овој успех е дополнителна мотивација за нови резултати.

„Се надевам дека во иднина ќе ја израдуваме Македонија со уште повеќе медали“, порача Младеновиќ.

Министерството за спорт најави дека и во наредниот период ќе продолжи со поддршка на младинскиот и врвниот спорт, со цел создавање подобри услови за развој и постигнување нови меѓународни успеси на македонските спортисти.