< назад

Есат Делихасан во посета на Карате федерацијата на Македонија

Во еднодневна посета на Карате федерацијата на Македонија престојуваше претседателот на Турската карате федерација Есат Делихасан, придружуван од еден од своите најблиски соработници Ерџумент Ташдемир, координатор на Турската карате федерација. Тој е член на највисокиот орган, Извршниот комитет на Светската карате федерација, како и на Европската карате федерација и актуелен претседател на Карате федерацијата на балканот. Една од целите на посетата беше врачување на уникатен подарок за КФМ по повод 50 години карате во Република Македонија, што беше одбележано на 15-16 декември. Од страна на домаќинот му беа врачени плакети по повод Златниот јубилеј на каратето во Македонија.

 

Втората цел на посетата беше договарање за уште поквалитетна соработка меѓу карате федерациите на двете земји, која последниве неколку години е на се повисоко ниво, но секогаш има можност и за повеќе, доколку се усогласат потребите на спортистите.

Третата беше средба со претседателот на Македонскиот олимписки комитет д-р Васил Тупурковски, за размена на искуства и евентуално продлабочување на соработката и на ниво на олимписки комитети на Македонија и Турција, со оглед на тоа што каратистите во двете земји се меѓу најдобрите спортисти, кандидати за Олимписките игри во Токио 2020 година.

Високиот гостин од Турција, кој е меѓу највлијателните личности во светското карате изрази  задоволство од престојот и благодарност до домаќинот, истакнувајќи ги личните пријателски релации со луѓето кои ја водат Карате федерацијата на Македонија, на чело со претседателот Драган Стојановски.