< назад

Емил Павлов во финалето на Европското првенство во Нови Сад, Ангела Мојсовска ќе се бори за бронза

Европскиот шампион од 2014, Емил Павлов се пласираше во финалето во категоријата до 60кг. на Европското првенство во Нови Сад, Србија. Во ½ финалниот меч, Павлов го совлада актуелниот Европски шампион,  Летонецот Калвис Калнинс со 5-2. 

Претходно, нашиот каратист беше подобар од: Доминик Имрих од Словачка попрв освоен поен, Холанѓанецот Јасин Ел Атар со 6-2 и Ненад Дуловиќ од Црна Гора со 3-2. Во големото финале кое на програмата е во сабота во 18:25ч. Павлов ќе се сретне со Анџело Крешенцо од Италија, кој е 13. пласиран на ВКФ ранг листата.

За медал ќе се бори и Ангела Мојсовска која во категоријата до 68кг. во ½ финалето загуби од Ирина Заретска од Азербејџан со 7-0. Во 1. коло Мојсовска ја совлада Ема Грех од Малта со 4-2. Во втората своја борба по судиско изјаснување беше подобра од Викторија Исаева од Русија, а во ¼ финалето без борба го доби дуелот против Дарија Орзечовска од Полска. Во мечот за бронзен медал кој е на програмата во сабота во 10 часот , нашата каратистка ќе се сретне со Ивона Чавар од Босна и Херцеговина.

Во категоријата до 67кг. кај мажите во 1. коло од репасажот својот настап го заврши и Ненад Келебиќ. Келебиќ во репасажот загуби од Белгиецот Хес Росиело со 3-0, а во главниот ждреб беше поразен од  Турчинот Бурак Ујгур со 1-0.

Во 1. коло од репасажот изгубија и Вероника Костовска во категоријата до 61кг. и Драгана Манговска во -50кг. Костовска каде во 1. коло од репасажот беше сопрена од Тјаша Ристиќ со 2-0. Претходно во главниот ждреб, во 1. коло ја совлада Литванката Габриеле Марозаите со 2-0, а во 2. загуби од Украинката Анита Серогина по судиско изјаснување. Манговска во репасажот загуби од Марија Кулинковиќ од  Белорусија со 2-0. Во главниот ждреб во 1. коло Манговска беше подобра од Катарина Сушац од Босна и Херцеговина со 3-1, а загуби од Турчинката Серап Осчелик Арапоглу со 3-0.

Сребрениот од минатото Европско првенство во -84кг. Берат Јакупи беше сопрен во 2. коло од Азербејџанецот Ајкан Мамајев со 4-1. Во 1. коло Јакупи беше подобар од Нико Дрекслер од Германија со 5-0.

Жарко Арсовски во тешка категорија, загуби во 1. коло, од Холанѓањецот Тајрон – Дарнел Ландри со минимални 1-0. На самиот старт својот настап на Европското првенство го завршија и Азис Исмаил во -75кг и Симона Заборска во -55кг. Исмаил загуби од Естонецот Павел Артамонов со 2-1, а Заборска од Карлота Фернандез Осорио од Шпанија по судиско изјаснување.  

Во кати, кај дамите Пулексенија Јованоска стигна до ¼ финалето, каде загуби од Дорота Балциарова со 4-1. Претходно во првите две кола, Јованоска ги совлада Ејми Сел од Англија со максимални 5-0 и Украинката Ана Крешченко со 3-2. Во машка конкуренција Ферри Исиќ во 1. коло со максимални 5-0 го совлада Молдавецот Николај Бондарев, а во 2. коло загуби од Матија Бусато со 5-0.