< назад

Емил Павлов во финалето на Премиер лигата во Москва

Емил Павлов се пласира во финалето на Премиер лигата во Москва во категорија - 60 килограми. На патот до мечот за златен медал, најдобриот спортист на Македонија за 2018 година забележа вкупно пет победи, меѓу кои и над актуелниот светски шампион, против еден поранешен светски шампион и против победникот на Европските игри.

Во првото коло Емил го совлада Ласло Андрас Киш од Унгарија со 4:1, а во второто Матиас Гарсија Гомез од Шпанија со 6:0. Во третото во одличен меч беше поуспешен од поранешниот европски првак и шампионот на Европските игри во Минск, Летонецот Калвис Калнинс со 5:3. Во четвртфиналето со извонредна борба и тактика го победи Бразилецот Даглас Бросе со 2:0, поранешен двократен светски шампион. Конечно во полуфиналето Павлов го совлада и актуелниот светски шампион, Италијанецот Анџело Крешенцо со 1:0. 

„Верував дека можам да победам сите, тоа отсекогаш го велам. Не би тренирал и не би се борел доколку не чувствувам дека можам да ги победам. Ова се врвни каратисти кои ретко се враќаат без медали од големи натпреварувања. Сите одлично се познаваме и знаеме дека нијанси решаваат кога ќе излеземе на татами. За мене е огромен поттик што победив двајца светски шампиони, а исто така и поранешниот европски кој победи и на европските игри. Беше време да се исплатат макотрпните тренинзи. Среќен сум и презадоволен, затоа што убедливо ги добив сите противници, тактиката ми беше навистина на високо ниво, бев концентриран и не им дозволив да ми направат многу поени. Морам да кажам и дека никогаш сум немал потежок жреб, што само ми беше дополнителен мотив. Не би сакал да зборувам за тоа, но последните две борби ги добив со повреден палец на левата рака и подоцна излезе дека има фрактура. Не сакав да пријавам порано, за да не им дозволам на лекарите да ми забранат се борам. Добро е што најверојатно ќе ми дозволат на свој ризик да настапам и во финалето, каде што очекувам да дадам се од себе и ако се борам како денес, можам да победам. Се знаеме добро, Ерај Самдан е одличен каратист и сигурен сум дека ќе биде одличен меч, во кој реално двајцата имаме подеднакви шанси за златен медал“ - изјави Павлов.

Пласманот во финалето е нов извонреден успех на Емил Павлов, кој е двократен европски шампион и има вкупно четири медали од сениорските европски шампионати, а во 2019 година освои бронза на европското првенство во Мадрид и беше петтопласиран на Европските игри во Минск. Финалната борба на Павлов против Самдан е во недела во 14:50 по локално или во 13:50 часот по македонско време.