< назад

Втор ден од Премиер лигата во Париз

Ниту во вториот ден во Париз нашите каратисти не успеаја да остварат забележителни резултати. Од вкупно 7 наши каратисти кои денеска имаа настап, две победи оствари само Вероника Костовска во категоријата кумите -61кг жени, додека по една победа имаа, Моника Стефановска во кумите -68кг жени, Виктор Крстевски во кумите -84кг и Жарко Арсовски во кумите +84кг. во машка конкуренција.

Во категоријата кумите -61 кг. за жени Вероника Костовска беше сопрена во 3. Коло од Перуанката Александра Гранде со 4-1. Во претходните две кола, Костовска во првото коло без борба ја совлада Американката Сабрина Кедер – Хостетлер, додека во 2. коло беше подобра од Гарсија Ферер од Шпанија. Во истата категорија уште во првото коло својот настап го заврши Наташа Стефановска, која беше поразена од Украинката Анита Серогина со 3-0.

До третото коло но во категоријата кумите -68кг. кај дамите стигна и Моника Стефановска. Стефановска во 1. коло беше слободна, во второто ја совлада Ивона Тубиќ од Хрватска со 4-3, додека во 3. коло беше поразена од Французинката Ализ Агиер со 4-0. Во првото коло од репасажот подобра од нашата каратистка беше Норвежанката Андрине Хилтон со 3-0.

Виктор Крстевски во категоријата кумите -84 кг. кај мажите стигна до второто коло на турнирот во Париз. Во својата прва борба Крстевски беше подобар од Урош Мијалковиќ од Србија со 3-1, додека во второто коло беше сопрен од Казахстанецот Игор Чихмарев со минимални 1-0. Во истата конкуренција Берат Јакупи загуби во првото коло од Шпанецот Алехандро Аренсон – Молина со 3-1.

До второто коло стигна и Жарко Арсовски во категоријата кумите мажи +84 килограми. Арсовски во првото коло беше подобар од Димаш Укматов од Казахстан со 3-0, додека во второто коло загуби од Џонатан Хорне од Германија со минимални 1-0. Вториот македонски претставник во оваа категорија Мартин Несторовски, беше сoпрен уште во првото коло откако беше поразен од Иван Клепиќ од Босна и Херцеговина.

Турнирот во Париз беше првиот од 7 турнири во Премиер лигата и прв кој се одржа во новиот формат, во кој приоритет за настап имаат првите 50 на WKF ранг листaта. Пријавени беа над 750 каратисти од 81 земји. Премиер лигите ќе бидат едни од најважните натпреварувања за борба за олимписка норма за Токио 2020.