< назад

Светската карате федерација во кампања за „уникатната ситуација“ на спортот

По објавата на Организациониот комитет на Олимписките игри во Париз 2024 година дека каратето не е предложено на листата спортови во програмата на олимпијадата 2024 година, се позасилени се барањата на милиони каратисти од целиот свет, кои апелираат до Меѓународниот олимписки комитет (IOC) и до домаќинот Франција, каратето дополнително да се стави на листата олимписки спортови и за следните Олимписки игри. Светската карате федерација (WKF) презема се што е во нејзина моќ за да ја исправи оваа неправда, која им се нанесува на огромен број каратисти кои сеуште не го почувствувале олимпискиот сон во Токио 2020 година, а веќе се соочуваат со реалноста дека најмасовниот и најпопуларен боречки спорт во светот ќе биде само еднаш застапен на Олимписките игри. Како носител на каратето во државата и претставник на WKF, Карате федерацијата на Македонија (КФМ) активно се вклучува во кампањата за каратето да остане на Олимписките игри во Париз и на сите наредни олимпијади. Уште повеќе што каратето е нашиот најуспешен и најтрофеен спорт, со медали од европските, од светските првенства, од Европските игри, од Медитеранските игри, од Младинските олимписки игри, а нашите каратисти се насекаде високо респектирани од своите ривали во светот. Притоа КФМ е официјално најдобрата спортска федерација, признание кое го доби двапати во последните 3 години.

Каратето на глобален план со децении се бореше да добие статус на олимписки спорт, и сега кога конечно доби можност во колевката на спортот, Јапонија, е исклучен од следната олимпијада во Париз 2024 година. Одлуката е уште понелогична, затоа што Франција е светска велесила, број 1 во Европа и втора најголема сила во светот. Каратето е меѓу најпопуларните спортови во Франција, со преку  250.000 регистрирани каратисти, од кои 55% се млади под 18 години.

„Карате спортот е во уникатна позиција, затоа што е единствениот кој е исклучен од следната олимпијада и тоа пред да добие шанса да дебитира во Токио и да ја покаже својата раскошна убавина. Ретки се земјите во кои каратето е толку квалитетно како во Франција во која што има огромна популарност, се практикува од илјадници млади и има повеќемина спортски ѕвезди кои секогаш се истакнуваат со големиот спортски дух. Поради сето тоа, сите ние сме непријатно изненадени и навредени од одлуката. Убедени сме дека таа била донесена без никакви принципи, јасни правила и во недостаток на транспарентност. Не можеме да бидеме исклучени пред Токио 2020 година. Ние тоа не го заслужуваме, не го прифаќаме и ќе продолжиме да се бориме до крај за нашата чест и за честа и правата на нашите спортисти“ – истакна Антонио Еспинос, претседателот на Светската карате федерација.

Повеќе информации на официјалната веб страница на Светската карате федерација www.wkf.net