< назад

Стартуваше Премиер лигата во Париз

Слаб настап на македонските каратисти на првиот ден на Премиер лигата во Париз Франција. Турнирот во Париз е првиот од 7 турнири во Премиер лигата и прв кој се одржува во новиот формат, во кој приоритет за настап имаат првите 50 на WKF ранг листaта. Пријавени се над 750 каратисти од 81 земји. Премиер лигите ќе бидат едни од најважните натпреварувања за борба за олимписка норма за Токио 2020.


Од вкупно 9 наши каратисти кои денеска имаа настап, по една победа остварија само Сара Радичевска во кумите -50 килгорами и Енес Смаилагиќ во кумите -75 килограми. Радичевска во категорија на кумите -50 килограми жени, загуби во второто коло од Французинката Ороре Бурсо во еден тесен натпревар кој заврши 1-1, но поради тоа што Французинката прва освои поен, нашата каратистка го загуби овој меч. Претходно во првото коло Радичевска беше подобра од Србинката Јелена Миливојевиќ со 4-0.

Смаилагиќ во првата своја борба беше подобар од Холанѓанецот Ник Херес со 5-2, додека во второто коло беше поразен од Турчинот Нечати Пинарбаши со 3-0. Во истата категорија Ферат Корбулиќи забележа два пораза. Во првото коло загуби од Азербејџанецот Рафаел Агајев со убедливи 8-1, додека во репасажот подобар од него беше Јута Мори од Јапонија со минимални 1-0.


Во конкуренција на кати во женска конкуренција својот настап уште на самиот старт го заврши Пулексенија Јовановска која во првото коло беше поразена од Хуи – Суан Шиен од Тајван со минимални 3-2. Кај дамите во првото коло својот настап го завршија и Симона Заборска и Јована Георгиева во категоријата кумите -55 килограми. Заборска загуби од Швеѓанката Сабина Лавери со 2-1, додека Георгиева беше поразена од Јана Бич од Германија со 3-0. 


Во првото коло во машка конкуренција својот настап го завршија Емил Павлов во категоријата Кумите -60 килограми и Ненад Келебиќ и Димитар Илиевски во кумите -67 килограми. Павлов во својата прва борба беше поразен од Казахстанецот Кајсар Алписбај со минимални 1-0, додека во категоријата кумите -67 килограми Келебиќ убедливо загуби од Камило Велозо од Чиле со 6-1, а Илиевски беше поразен од Саед Алипор од Иран со 8-2.