< назад

Прием во АМС по успехот на Медитеранските игри

Карате федерација на Македонија денес беше на прием во Агенцијата за млади и спорт, по најновиот успех кој младите каратисти го постигнаа на Медитеранските игри во Анталија. Од 8 натпреварувачи, најуспешен беше Фахик Весели, кој стана медитерански шампион во категорија -67 килограми за помлади сениори (У21). Покрај најдобриот млад спортист за 2018 година, одличќен резултат имаше и Бојан Костов со бронзен медал во -52 кг за кадети, а со пласмани на 5 место завршија Доан Османи во категорија – 75 кг за помлади сениори, Владанка Аврамова во ката за јуниори и Јована Манчевска во ката за кадети. Сите тие се стипендисти на Агенцијата за млади и спорт.

Директорот на АМС Дарко Каевски уште еднаш се заблагодари на младите спортисти, нивните тренери и на федерацијата, кои уште еднаш потврдија дека се нашата најуспешна федерација а каратето е најуспешниот спорт, затоа што не се работи само со поединци, туку успехот е плод на системска работа во сите сегменти. По четирите медали од кои два златни и два бронзени на европското првенство во помлади категории во Алборг, ова е уште еден голем резултат постигнат во конкуренција на земји од три континенти кои се велесили во каратето и тоа треба да биде дополнителен мотив за сите во каратето да продолжат да работат со младите каратисти од кои во иднина очекуваме да ги наследат своите идоли во сениорска конкуренција. Во најскоро време треба да профункционира ваучер системот, кој ќе биде голема финансиската поддршка за сите спортисти. 

Особено треба да се истакне дека соработката на АМС со КФМ е на највисоко можно ниво, а резултатите кои се постигнуваат во континуитет се одлична можност за да се избориме да добиеме организација на големо натпреварување, што ќе биде подигнување на нивото и на популарност и на квалитет на каратето, но и шанса за уште поголеми резултати. Авторитетот кој КФМ го има стекнато во меѓународните организации треба да се искористи на најдобар начин, а Агенцијата е расположена да помогне, затоа што бенефитот е и за спортистите, за спортот и за државата.