< назад

Прием на КФМ во Јапонската амбасада во Скопје

Чест и задоволство е во име на Карате федерацијата на Македонија да се биде на прием кај амбасадорката на Јапонија, Нејзината Екселенција Кеико Ханеда. Како земја која е колевка на каратето, Јапонија е горда на сите успеси кои ги оствари Карате федерацијата на Македонија во изминатите 12 години, во кои каратето се промовира како лидер во македонскиот спорт и претставува симоним за врвни резултати и на спортски план и на во поглед на менаџирањето. Тоа го препознаа сите фактори во земјата и надвор од неа, па КФМ е трипати прогласена за најдобра спортска федерација во последните 8 години, а како сериозна организација, претставува авторитет во Светската федерација, во Европската и во регионалните, Медитеранската и Балканската карате федерација. 

Македонските каратисти имаат освоено 14 медали на европските сениорски првенства во споменатиот период и над 30 медали на европските и светските првенства во помлади категории. Меѓу најзначајните признанија се историските успеси по добивање статус олимписки спорт се двата медала на Европските игри, единствени од сите спортови, единствениот медал на Младинските олимписки игри, како и трите медали на Медитеранските игри. Во услови кога сите спортски настани беа откажани или одложени, вклучувајќи ги Олимписките игри во Токио 2020 година, нашите каратисти загубија многу, пред се двојниот европски првак Емил Павлов, победник на Премиер лига во Салцбург во февруари и сериозен кандидат за норма и медал во Токио. Покрај него, имаме уште двајца олимписки стипендисти и уште неколкумина кои се подготвуваат за олимписки квалификации. Во меѓувреме во период на глобална пандемија спортистите одговорно ја одржуваа формата со индивидуални тренинзи заедно со своите тренери, додека за помладите категории од 10 -15 години беше организирано „оn line“ првенство во изведба на кати во домашни услови. КФМ отвори „you tube“ канал, каде што во иднина ќе ги објавува сите свои активности, а приоритетно во летниот период нашите најтрофејни каратисти дадоа личен пример до сите спортисти и граѓани, како може да се искористи тешкиот период во време на прекин на сите натпреварувања. Што е најважно, желбата за тренинг не ги напушти, што покажува со каква страст и пристап го сакаат каратето.

Како претставник на земјата домаќин на следните олимписки игри, амбасадорката на Јапонија изрази одушевување и благодарност до Карате федерацијата на Македонија за високото ниво на квалитет на македонското карате што се одржува во континуитет, особено затоа што се негува уште од предучилишна возраст па се до сениори и во машка и во женска конкуренција, во борби и во кати. Посебна компонента од пошироко општествено значење е негувањето и развивање на здравиот дух кај децата од најмлада возраст, што има непроценлива вредност и влијае на подигнување на самодовербата, дисциплината и менталната сила што е важно во текот на животот на секоја индивидуа. Амбасадорката Ханеда порача дека јапонската амбасада ќе продолжи да ги следи сите активности на Карате федерацијата на Македонија и ќе помогне во одредени сегменти во рамките на нивните можности. На спортистите, тренерите и на сите кои се во карате федерацијата им посака уште многу успеси по завршување на периодот на пандемија од коронавирусот, со надеж дека некој од нашите најдобри каратисти ќе успее да се избори за олимписка норма и да освои медал на олимпијадата во Токио.