< назад

Прес конференција пред заминувањето на Европското првенство во Нови Сад, Србија

Карате репрезентацијата на Македонија, која ќе биде дел од 53. Европско првенство, одржа прес конференција во Агенцијата за Млади и спорт, пред поаѓањето за Нови Сад каде од 10 до 13 мај ќе се одржи континенталниот собир.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски им посака среќа на репрезентативците и напомена дека и на ова првенство очекува врвни резултати како што беше традиција досега. Македонија во последните десетина години редовно е на листата на медали, што е единствен случај во сите наши спортови, а особено е важно што минатата година имавме сребрен и бронзен медал, на првото европско првенство откако станавме олимписки спорт. И годинава интенциите се да продолжиме со врвните постигнувања, а истовремено и да имаме што повисок ранг на листата на WKF светската федерација, затоа што во процесот за норма за Токио 2020 тоа е приоритетно значење - изјави Каевски. Сето ова зборува колкава е сериозноста на КФМ во организацијата за наголемите натпреварувања, дополни Каевски. 

Селекторите на карате репрезентацијата на Македонија во борби Сашко Арсовски и Стојан Андриевски во кати, изјавија дека сите репрезентативци се во одлична форма, никој нема проблем со повреди и дека на шампионатот очекуваат висок пласман во сите категории.

Капитенот на репрезентацијата Жарко Арсовски, се надева на добар настап на шампионатот на сите репрезентативци. Тој вели дека атмосферата во репрезентацијата е одлична и дека како и во индивидуалните, така и во екипните настапи сите репрезентативци ќе го дадат својот максимум, за остварување што подобар резултат. Арсовски вели дека иако е еден од поискусните во репрезентацијата, се уште се чувствува како да е на почетокот на кариерата и дека е желен за тренинзи, натпревари и нови успеси. 

 

Освојувачот на сребрен медал од последното Европско првенство, Берат Јакупи, се надева дека ќе успее повторно да освои медал, но напоменува дека ќе биде многу потешко овој пат, бидејќи како актуелен вицешампион, сега сите противници се насочени кон него и го имаат добро анализирано.

Емил Павлов, кој е Европски шампион од 2014, изјави дека оваа година се чувствува многу подобро од минатата и дека самодовербата во моментов му е на многу повисоко ниво. Павлов оваа година освои злато на Балканското првенство во Истанбул, а беше и втор на Премиер лигата во Дубаи.

Наташа Стефановска, која  на ова првенство ќе настапи во екипна конкуренција во борби вели дека како и она така и другите членови на екипниот тим се надеваат на што подобар пласман и дека ќе дадат се од себе повторно да ја израдуваат македонската јавност.

Македонската експедиција поаѓа за Нови Сад утре наутро, а своите први настапи нашите каратисти ќе ги имаат на 10 мај.

На Европското првенство ќе настапат 532 каратисти од вкупно 53 земји, што е рекорден број на учесници на еден континентален собир.

Список на натпреварувачи на Европското првенство во Нови Сад, Србија:

1. Ферри Исиќ - ката машки

2. Пулексенија Јованоска - ката женски

3. Драгана Манговска - кумите женски -50кг.

4. Симона Заборска - кумите женски -55кг.

5. Вероника Костовска - кумите женски -61кг.

6. Ангела Мојсовска - кумите женски -68кг.

7. Емил Павлов - кумите машки -60кг.

8. Ненад Келебиќ - кумите машки -67кг.

9. Азиз Исмаил - кумите машки -75кг.

10. Берат Јакупи - кумите машки -84кг.

11. Жарко Арсовски - кумите машки +84кг.

12. Кумите машки екипно - Емил Павлов, Азиз Исмаил, Доан Османи, Берат Јакупи, Виктор Крстевски, Мартин Несторовски и Жарко Арсовски.

13. Кумите женски екипно - Наташа Стефановска, Моника Стефановска, Симона Заборска, Ангела Мојсовска и Вероника Костовска.

Во 2018 година каратистите на Македонија ги очекува Светското сениорско првенство во Мадрид, а претходно во јуни се и Медитеранските игри каде Македонија ќе ја претставуваат 7 каратисти. Се разбира тука се и Премиер лигите на кои исто како и на Европските и Светските првенства се освојуваат поени за WKF листата.