< назад

Прес конференција пред заминувањето на Светското првенство во Мадрид, Шпанија

Карате репрезентацијата на Македонија, која ќе биде дел од 24. Светско првенство, одржа прес конференција во Агенцијата за Млади и спорт, пред поаѓањето за Мадрид каде од 6 до 11 ноември ќе се одржи планетарниот собир.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски им посака среќа на репрезентативците и напомена дека и на ова првенство очекува врвни резултати како што беше традиција досега. Тој се надева дека успешната година на каратето во Македонија, во која Емил Павлов стана Европски шампион, Берат Јакупи беше златен на Медитеранските игри, а Фахик Весели беше бронзен на МОИ ќе биде заокружена со медал од Светско првенство.

Селекторите на карате репрезентацијата на Македонија во борби Сашко Арсовски и Стојан Андриевски во кати и се заблагодарија на Агенцијата за млади и спорт за помошта што ја дава за каратето. За репрезентативците тие изјавија дека сите се во одлична форма, подготовките во Штип се одвиваат во одлично ниво и очекуваат сите да го дадат својот максимум на шампионатот.

Европскиот шампион во категоријата до 60 килограми Емил Павлов, знае дека сите ќе го глеаат како фаворит и дека притисокот е огромен, но е сигурен во себе и ветува дека ќе даде максимум за остварување на што подобар резултат. Тој се надева дека сите негови колеги од репрезентацијата ќе имаат добар настап на Планетарниот собир.

Берат Јакупи кој годинава има одлична сезона, верува во себе, и се надева дека Шпанија повторно ќе биде среќна за него по освојувањето на златото на Медитеранските игри кои се одржаа во Тарагона.

Наташа Стефановска која ќе ја претставува Македонија во категоријата до 61 килограм, напомена дека атмосферата во репрезентацијата е одлична, сите си помагаат едни со други и дека со еден таков однос секој од нив ќе направи добар резултат.

Претставничката во ката во женска конкуренција, Пулексенија Јованоска по операцијата вели дека се чувствува одлично и иако катите се малку специфични, она ветува дека ќе го даде својот максимум и ќе ја претстави Република Македонија во одлично светло.

Македонската експедиција поаѓа во недела наутро за Софија, од каде со авионски лет ќе замине за Мадрид, Шпанија.

Список на натпреварувачи кои ќе настапат на СП во Мадрид, Шпанија:
1. Емил Павлов - кумите (м) -60кг.
2. Давид Петков - кумите (м) -67кг.
3. Азиз Исмаил - кумите (м) -75кг.
4. Берат Јакупи - кумите (м) -84кг.
5. Мартин Несторовски - кумите (м) +84кг.
6. Жарко Арсовски - кумите (м) екипно
7. Петар Заборски - кумите (м) екипно
8. Ферри Исиќ - ката (м)
9. Сара Радичевска - кумите (ж) -50кг.
10. Јована Георгиева - кумите (ж) -55кг.
11. Наташа Стефановска - кумите (ж) -61кг.
12. Моника Стефановска - кумите (ж) -68кг.
13. Пулексенија Јованоска - ката (ж)