< назад

Прес конференција пред настапот на СП за сениори во Дубаи, ОАЕ

Македонската карате репрезентација, која ќе биде дел од 25то Светско сениорско првенство, одржа прес конференција во конгресната сала при Македонскиот олимписки комитет пред поаѓањето за Дубаи каде од 16 до 21 ноември ќе се одржи планетарниот собир.

Тренерот селектор во борби Александар Кузмановски во својата изјава истакна дека во изминатиот подготвителен период направени се огромни напори за оваа репрезентација биде максимално подготвена за овој голем предизвик. Репрезентацијата најпрво имаше подготвителни тренинзи со меѓебни борби како и со помладиот тим од категоријата У21 во Скопје, понатаму истиот состав беше на еднодневни подготовки во Приштина каде со косовската репрезентација одржаа два тренинг меча. Останатиот период репрезентацијата беше на подготовки во спортскиот комплекс „Истатов“ во Дојран каде гости беа и националните репрезентации на Бугарија, Црна Гора и Албанија. На крајот тренерот-селектор во борби, Александар Кузмановски истакна дека е задоволен од подготвеноста на натпреварувачите во делот на борби и очекува добар настап на ова светско првенство.


Натпреварувачи кои ќе настапат во дисциплината борби во машка конкуренција: Фаик Весели -60 кг, Емил Павлов -67 кг, Петар Заборски -75 кг, Берат Јакупи -84 кг и Жарко Арсовски +84 кг и во женска: Сара Радичевска -50 кг, Јована Георгиева -55 кг, Вероника Костовска -61 кг, Ангела Мојсовска -68 кг и Симона Симовска +68 кг.

Тренерот селектор во кати Стојан Андриевски во својата изјава истакна дека од натпреварувачите кои ќе настапат во дисциплината кати Алексанадар Неделковски и Пулексенија Јованоска и задоволен од одработеното во изминатиот период како и дека очекува од нивна страна достојно да ја претстават нашата држава.