< назад

Пречек по ЕП за младински категории

Делегацијата на КФМ се врати во земјава, по извонредните резултати постигнати на европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори (У21). Делегацијата беше пречекана од претставници на ИО на КФМ, тренери и спортисти од повеќе наши клубови, како и членови на нивните семејства.

На ова првенство македонските каратисти постигнаа резултати кои се меѓу најдобрите во историјата на младинските првенства, со 4 медали во конкуренција на 45 земји со 1000 млади каратисти. Стефан Стојановиќ освои јуниорско злато, Столе Смилковски сребро во У21, Андреј Басаров сребро за кадети а Матеј Белистојаноски бронза за јуниори. Во квалитетниот настап се надополнуваат едно петто, четири седми места а неколку наши натпреварувачи имаа по две или три победи, што за нив и за другите е поттик дека можат во иднина и тие да освојат медал. Младите каратисти беа предводени од селекторите Александар Кузмановски и Арлинд Хусеини во борби и Стојан Андриевски во кати, а во делегацијата беше и Боби Војдиновски, еден од најдобрите светски судии, кој ја преставуваше федерацијата на високо ниво.

Големите успеси на 48 европско првенство во Тампере е уште една потврда дека КФМ не случајно со години е пример за успех и организација која во континуитет постигнува врвни резултати во сите возрасни категории и дека имаме иднина и вистински наследници на поранешните и актуелните шампиони, кои го прославија каратето и македонскиот спорт воопшто.