Младите каратисти кои ќе настапат на 47мото Европско првенство за кадети, јуниори и постари јуниори У21 кое ќе се одржи од 7 до 9 февруари во Будимпешта, Унгарија, денес во карате центарот на КФМ во Скопје, под раководство на селекторите за кадети и јуниори Александар Кузмановски и за помлади сениори Арлинд Хусеини одржаа подготвителни тренинзи.
На тренинзите присуствуваа и селекторот во кумите за сениори Сашко Арсовски, поранешниот селектор во сениори Пеце Белистојаноски и капитенот на сениорскиот тим и репрезентативец Жарко Арсовски. Специјален гостин беше спортистот на векот, олимпискиот шампион Шабан Трстена кој им пренесе на младите дел од своите богати искуства на вакви натпревари и им подели драгоцени совети кои ќе им користат и за престојното европско првенство и воопшто во нивните кариери.