< назад

Одбележан Златниот јубилеј 50 години карате во Македонија

Карате федерацијата на Македонија со Свечена академија го одбележа Златниот јубилеј – 50 години карате во Република Македонија. Свеченоста се одржа во Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“ во Скопје, во присуство на еминентни гости од земјава и од странство, предводени од генералниот секретар на Европската карате федерација (EKF) Стјепан Челан, кој е член и на Извршниот комитет на Светската карате федерација (WKF) и претседател на Карате сојузот на Хрватска. Исто така, генералниот секретар на Карате федерацијата на Балканот Славољуб Пипер, член на Извршниот комитет на Европската карате федерација (EKF) и претседател на Карате сојузот на Србија. Присутни беа вкупно осуммина претседатели на Национални карате федерации, а покрај споменатите беа и Алексеј Петров од Бугарија, Владимир Јоковиќ од Црна Гора, Петрит Баба од Албанија, Мујо Гец од Босна и Херцеговина, како и Исмет Красниќи од Косово. Посебна чест претставуваше присуството на амбасадорката на Јапонија во Скопје, Кеико Ханеда во име на земјата колевка на каратето во светот, која ќе биде домаќин на најголемиот спортски настан во 2020 година, Олимпијадата во Токио каде што каратето за првпат ќе биде олимписки спорт.

Од домашните авторитети, на свеченоста беше министерот во Владата на Република Македонија Андан Ќахил, пратеникот во Собранието на Република Македонија Чедомир Саздовски, истакнати личности во каратето. Секако и во име на највисоките спортски организации во спортот, претседателот на македонскиот олимписки комитет д-р Васил Тупурковски, како и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, покровител на Златниот јубилеј.  На настанот беа присутни поранешните претседатели на Карате федерацијата на Македонија, Александар Нацевски, Славе Пашоски, Горан Мијоски и Јован Лазарев. Присуствуваа и голем број медиуми, поранешни каратисти, тренери, спортски работници од сите клубови кои оставиле траен белег во каратето, но и од други спортови, пред се најдобриот спортист на Македонија во 20-от век, Шабан Трстена, како и најдобриот тренер на минатиот век, Насе Насев.

Воведно обраќање имаше претседателот на Карате федерацијата на Македонија, Драган Стојановски, кој на почетокот замоли со едноминутно молчење да им се даде почит на сите оние кои дадоа придонес во каратето, а не се меѓу нас. Потоа се осврна на пионерските почетоци на каратето во Република Македонија, како и на сите најзначајни моменти во изминатите пет децении. Секако, со акцент на најголемите достигнувања, како на резултатски, така и на организациски план. Беше потенцирана извонредната соработка во континуитет со Агенцијата за млади и спорт, како и со Македонскиот олимписки комитет, со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и со медиумите, кои знаат да препознаат квалитет и континуитет. Исто така, процесот на етаблирање во меѓународните организации, пред се во Светската и во Европската карате федерација, каде што благодарение на сериозниот пристап и афирмативно делување во кризните периоди се изборивме за висок авторитет со најзначајните личности во светот на каретето, од кои некои се тука присутни. Најмногу од се, за остварувањето на долгогодишниот сон за сите генерации спортисти во изминатите пет децении, претставувано од Светската карате федерација, каратето да стане олимписки спорт. Ова претставува нова димензија, нов мотив и предизвик за сите каратисти, но и за Карате федерацијата на Македонија која во последните неколку години со своите резултати се наметна како вистински лидер во спортот и официјално е најдобра спортска организација во Македонија. Tоа признание кое го добивме и во 2011 година, а голем број номинирани во поедини категории во изминатите години ни донесоа спортски оскари во годишниот Избор за најдобрите спортисти.

На свеченоста говореа и гостите Стјепан Челан, кој во име на претседателот на Светската карате федерација (WKF) Антонио Еспинос, му врачи специјално изработена плакета на претседателот Драган Стојановски, за сите остварувања на каратето во изминатиот период, особено во последната деценија.

Славољуб Пипер во знак на соработката и придонесот на Карате федерацијата на Македонија во регионот му додели плакета во името на Карате федерцијата на Балканот.

На свеченоста се обрати и Алексеј Петров, првиот претседател на Карате федерацијата на Балканот, која има големо влијание во креирањето на меѓународната политика во каратето, со благодарност за одличната меѓусебна соработка и за се она што го прави Карате федерацијата на Македонија на чело со претседателот Стојановски.

Свое обраќање имаше и амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда, во име на земјата домаќин на наредните летни Олимписки игри во Токио 2020 година, која истакна дека е импресионирана од начинот на кој се третира каратето, кое во Македонија се негува цели 50 години, што придонесува за зближување на луѓето од различни култури.

На свеченоста честитки за досега постигнатото и уште позасилена поддршка во иднина најави Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт, покровител на настанот. Исто така и претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Васил Тупурковски, кој истакна уште поголема соработка за следните високи цели. Сите тие добија специјално дизајнирани плакети за Златниот јубилеј од страна на претседателот Драган Стојановски, во име на исклучително високата соработка која ја имаат со Карате федерацијата на Македонија. 


Со посебен пиетет им се пристапи на врвните резултати кои каратистите на Македонија ги освоија на најзначајните меѓународните натпреварувања, пред се од европските шампионати, светските првенства и европските игри. По повод 50 години карате во Македонија, посебни признанија добија сите медалисти сениори од европските и светските првенства. Хронолошки почнувајќи од Мирче Опеловски, Јорго Огненовски, Назим Куртовиќ, женскиот ката тим во состав Тамара Рибарска, Симона Тасевска и Ивана Димитрова, Иво Цветковски, Сашко Арсовски, Ардита Исени, Наташа Илиевска, Огнен Груевски, Жарко Арсовски, Берат Јакупи, Емил Павлов, Мартин Несторовски и Јована Ѓоргиева. 

Посебни признанија добија и клубовите кои имаат долгогодишна континуирана работа и придонес во постигнување на врвни резултати – КК Вардар, КК Металург, КК Шкендија, КК Цветан Димов, КК Аеродром, КК Јошитака, КК Партизан-Штип и КК Македонка. Плакети за Златниот јубилеј им беа врачени на Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот олимписки комитет, Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и на Сојузот на спортски федерации на Република Македонија.   

Конечно, во знак на благодарност на соработката која ја имаме со медиумите, во оваа пригода им беа доделени благодарници на медиумите кои се најактивни во следењето и промовирањето на каратето – Македонската телевизија, Сител, Алфа ТВ, Аlsat M, ТВ Нова, Канал 5, 24 вести, ТВ Shenjа, Македонско радио, Спортско радио 903, Македонски спорт и Нова Македонија.

На свечената вечера која се одржа истата вечер пристигна и делегација од Светската судиска комисија и од Светската спортска комисија, на чело со претседателот Хавиер Ескаланте, кому му беше врачена плакета по повод 50 години карате во Република Македонија.  
Свечената академија беше пренесувана во живо на олимпискиот „yоu tubе“ канал на Македонскиот олимписки комитет.