< назад

Моника Стефановска седма, Емил Павлов деветти на Премиер Лигата во Ротердам

На карате Премиер лигата која се одржа во Ротердам, Холандија настапија вкупно 11 македонски каратисти.

Во категоријата -68 килограми кај дамите, Моника Стефановска заврши како 7. пласирана. Во првото и второто коло во главниот ждреб, Стефановска со идентични 2-0 беше подобра од Еми Томасон од Нов Зеланд и Ксенија Маилута од Русија. Во 3. коло подобра од македонската каратистка беше Мирослава Копунова од Словачка со минимални 1-0. Во репасажот Стефановска во 1. коло ја совлада Каролина Арсенио од Португалија со 4-0, додека во второто загуби од Украинката Халина Мелник со 3-0. Во истата категорија Ангела Мојсовска беше сопрена во 3. коло од Французинката Леа Авазери со 6-4. Во првото коло Мојсовска беше слободна, додека во второто беше подобра од Азиза Фатен од Тунис со 6-1.

Второ пласираниот од Премиер лигата во Дубаи, Емил Павлов и покрај двата порази во категорија -60кг. кај мажите, сепак Премиер лигата во Ротердам ја заврши со пласман на 9. место, бидејќи Турчинот Ајкут Каја кој беше подобар од Павлов во 1. коло во главниот ждреб со минимални 1-0 турнирот го заврши на 2. место. Во репасажот подобар од македонскиот каратист беше Швајцарецот Ноа Писино со 6-0.

Во категоријата -61кг. Наташа Стефановска и Вероника Костовска стигнаа до 2. коло. Наташа Стефановска во првата своја борба беше подобра од Италијанката Сара Броњери со 3-1, додека во 2. коло загуби од Ана Ленард од Хрватска со 2-1. Костовска во 1. коло беше слободна, а во второто беше совладана од Бразилката Ерика Сантос со 2-0.

До 2. коло во женска конкуренција стигна и Симона Заборска во категоријата -55кг, каде беше сопрена од Украинката Анжелика Терлиуга со минимални 1-0. Во 1. коло со истиот резултат Заборска ја победи Рут Лоренцо Коузо од Шпанија.

Во машка конкуренција во тешка категорија Жарко Арсовски стигна до 2. коло каде загуби од Канаѓанецот Даниел Гајсински со 6-5, додека во 1. коло беше подобар од Иранецот Махди Ашури Гармјани со 3-0. Кај мажите до второто коло стигна и Виктор Крстевски во категоријата -84кг. Крстевски во 1. коло по судиско изјаснување беше подобар од Максим – Оливер Ривест од Канада, додека во 2. коло загуби од Португалецот Нуно Мореира со 4-2. Во истата категорија настапот на самиот старт го заврши Петар Спасеновски кој беше поразен од Иранецот Али Фадакар со 6-1.

Во првото коло Премиер лигата во Ротердам ја завршија двајцата македонски каратисти во категоријата -75кг. Петар Заборски по судиско изјаснување беше поразен од Лука Ретенбахер од Австрија, додека Ферат Корбулиќи со 5-0, загуби од Џои Келвеј од Англија.
Следен предизвик за македонските каратисти е балканскиот шампионат во Истанбул, кој ке се одржи следниот викенд.