< назад

Марио Свинарски 5ти, Александар Неделковски 7ми на Европското првенство во Сочи

На првиот ден од Европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори У21 кое се одржува во Сочи Русија, Македонија имаше 8 претставници.

Најдобар настап имаше Марио Свинарски кој во категоријата кумите кадети -57кг.,  заврши на 5. место, повторувајќи го резултатот од минатото Европско првенство во Софија, но и од Светското првенство во Тенерифе. Во натпреварот за бронзен медал Свинарски загуби од Португалецот Тиаго Переира со минимални 3-2. Во главната фаза Свинарски, во 1. коло го совлада Хамес Роберт Ривас – Бојд од Шпанија со 2-1. Во 2. и 3. коло беше убедлив против Белгиецот Насим Абделмалки со 7-0 и Томаж Худелес од Словенија со 6-1. Во ½ финалето загуби од Србинот Дарко Спасковски со 6-1.

 

Во категоријата кадети, кумите –63кг. Христијан Стојановски својот настап го заврши во 2. коло. Во својата прва борба Стојановски беше подобар од Словакот Николас Цела Арис со 2-0, додека во 2. коло загуби од Едик Хајикјан од Ерменија со 5-0. До 2. коло стигнаа и Марија Милева во кумите кадетки -54кг. и Магдалена Божиновска во категоријата кумите кадетки +54кг. Милева беше сопрена од Ајла Осаливен од Република Ирска со 8-2, додека на стартот беше убедлива против Израелката Мешлин Нисири со 5-0. Божиновска пак во 1. коло, по судиско изјаснување беше подобра од Романката Бјанка Андреа Гуна, а во 2. коло загуби од Софија Бенко од Унгарија со 2-0.

Бобан Џамѓозов во категоријата кадети кумите +70кг. шампионатот во Сочи, го заврши уште во 1. коло откако беше поразен од Муниб Дедовиќ од Босна и Херцеговина со 2-0.

Во ката кај кадетите како 7. пласиран заврши Александар Неделковски. Неделковски во 1. коло го совлада Германецот Мариус Верц со 4-1, додека во 2. коло беше поразен од Турчинот Енес Оздемир со 3-2. Поради пласманот на турскиот каратист во финалето, Неделковски влезе во  репасажот каде во 1. коло го совлада Молдавецот Октавијан Гарстеа со максимални 5-0, додека во 2. коло беше сопрен од Педро Карваљо од Португалија со минимални 3-2.

Во останатите две дисциплини во ката во кои Македонија имаше претставник Фери Исиќ заврши како 9. пласиран во помлади сениори У21, додека кај кадетките Владанка Аврамова својот настап го заврши во 2. коло. Исиќ во својата категорија во 1. коло загуби од Италијанецот Џузепе Панагија со 4-1, а во репасажот со истиот резултат беше поразен од Азебејџанецот Роман Хејдаров. Владанка Аврамова во 1. коло беше слободна, а во 2. коло тесно загуби од Аинара Тенорио Идалго Гомез од Шпанија со 3-2.