< назад

Каратето уште еднаш потврди дека е лидер во македонскиот спорт

Во време - невреме на пандемија, има и ретки светли примери кои покажуваат дека можеме дури и кога е најтешко и најнеизвесно да ги реализираме високите цели и амбиции. Текстот е посветен на каратето и на младите каратисти, кои беа и останаа на врвот или при врвот во конкуренција на своите врсници од Европа. Посветен и на сите спортисти кои треба да се стремат да остваруваат врвни резултати, а посветен е и на надлежните институции кои тоа треба соодветно да го вреднуваат.

*** Големите успеси на 48-то европско првенство во Тампере минатиот викенд се уште една потврда дека македонското карате и карате федерацијата не случајно со години се пример за успех и организација која во континуитет постигнува врвни резултати во сите возрасни категории и дека имаме иднина и вистински наследници на поранешните и актуелните шампиони, кои го прославија каратето и македонскиот спорт воопшто. Во продолжение неколку битни поенти кои остануваат во спортската историја и го издвојуваат каратето како пример за врвни резултати, но и како врвна организација во македонскиот спорт.

*** Тампере испиша уште една, уникатна страница во историјата на каратето. Иако под постојан притисок диктиран од пандемијата, дали воопшто делегацијата ќе стигне и ќе се врати безбедна од северот на континентот, нашите момци и девојки уште еднаш покажаа како треба да се претставува државата, спортот, федерацијата и самите себеси на највисоко можно ниво. Ако во 2014 на истото место најсјајно блесна ѕвездата на Емил Павлов, кој првпат стана европски сениорски шампион, пред еден викенд во специфично и интригантни услови предизвикани од коронавирусот, младите македонски каратисти четирипати се искачуваа на пиедесталот. Имавме фантастични резултати и дури три финалиња по категории, во кои Стефан Стојановиќ стана европски јуниорски шампион, Столе Смилковски вицешампион во У21 и Андреј Басаров кадетски вицешампион. Матеј Белистојаноски освои јуниорска бронза. Секој од нив имаше најмалку по пет борби. И сето тоа во силна конкуренција во која беа 1000 натпреварувачи од 45 земји.

*** На ова првенство македонските каратисти постигнаа резултати кои се меѓу најдобрите во историјата на младинските првенства. Најуспешни бевме во 2019 во Алборг со 4 трофеи во исто толку финалиња, но со по две златни и сребрени медали. Мора да се потенцира дека медалистите се од четири различни клуба и од четири општини, скопските Аеродром и Карпош, Штип и Прилеп кои се меѓу нашите најголеми карате центри. Во квалитетниот настап се надополнуваат едно петто, четири седми места при што неколку наши натпреварувачи имаа по две или три победи, што за нив и за другите е поттик дека во иднина и тие да можат бидат на подиумот.

*** Сите медали се освоени од момците, што не значи дека немаме квалитетни девојки во каратето. Напротив, квалитет имаме, а тоа го покажуваат високите пласмани, но за медал ќе треба повеќе работа, подобрување на одредени нијанси во тренажниот процес кои ќе придонесат деталите на татамите да бидат во наша полза, за да не чекаме долго да се радуваме на нова Наташа Илиевска, која е предизвик и поттик за сите дами како единствена европска сениорска шампионка во македонскиот спорт.

*** Очекувавме повеќе и од катите, но две индивидуални и едно екипно седмо место се скромен учинок. Пред се за Александар Неделковски, кој е се поблиску и прашање на време е кога ќе го видиме на подиумот. Засега децимали во оценките се во прашање, кои со посветен тренинг во иднина треба да бидат на негова страна и да донесат и медал. Својот талент го најави и кадетката Данка Стојкова, која со ист таков пласман дебитираше на ваков настан. Само две недели по завршување на Олимписките игри во Токио, каде што каратето за првпат во историјата беше во олимписката програма, а ние имавме претставник- Пулексенија Јованоска со пласман на 9-то место, нашите млади каратисти покажаа дека имаат светли перспективи во спортот. Спорт кој во изминатите години беше и ќе остане во програмата на Европските игри, на Медитеранските, на Универзитетските игри и на Младинските олимписки игри. И секогаш на тие настани каратето беше најуспешен од сите македонски спортови!

*** Европското во Тампере беше специфично, со строги мерки поради корона пандемијата, првпат во месец август откако оригинално требаше да се одржи во февруари, но и тоа не ги поколеба нашите млади спортисти и нивните тренери да работат напорно, да ги жртвуваат и адаптираат летните одмори и на најдобар начин да се презентираат себеси, своите клубови, општини, спортот, федерацијата и државата на највисоко можно ниво.

*** Затоа, честитки за сите кои беа на најистурените позиции во Тампере. Пред се, затоа што беа таму во еден турбулентен период и го одработија своето иако најчесто се на „тапет“ на повеќето субјекти во спортот. Но, така е тоа, колку сте повисоко и имате поодговорна функција, повеќе сте изложени на критики на сите кои не се таму. Од погоре споменатото, благодарност за селекторите во борби Александар Кузмановски и Арлинд Хусеини и Стојан Андриевски во кати, како и еден од најдобрите светски судии Боби Војдиновски, кој беше на висина на задачата и одлично ја претстави федерацијата.

*** Конечно, познатата изрека „На младите светот останува" во најсуштинска смисла на зборот е применета во каратето, и тоа не само сега, туку во континуитет кој трае со години наназад. И ќе потрае и ќе остане како редок пример и мотивација за сите други спортови, спортски федерации и организации да се обидат да направат нешто слично. Можеби некогаш ќе успеат, можеби ќе бидат и подобри, но за тоа треба многу да се потрудат.

*** Сакаме да потенцираме дека во текот на целиот период, од тргнувањето, патувањето, престојот, настапите, врвните резултати и враќањето сите членови на делегацијата ги почитуваа претходно договорените обврски и на највисоко ниво ја презентираа државата, каратето и КФМ, што е со години наназад пример за најдобра и најуспешна федерација во земјава, истовремено и високо ценето од најзначајните инстанци во Светската и во Европската карате федерација, на чело со претседателот Антонио Еспинос. КФМ изразува задоволство и од разбирањето и одзивот на медиумите кои се повеќе и се поквалитетно ги третираат постигнатите резултати и нивното значење во спортот.

*** И конечно, збор два за финансирањето. И покрај тоа што индивидуалните спортови се неспоредливо помалку финансирани од екипните, КФМ продолжува да поставува нови стандарди и да ги поместува границите, пред се благодарение на средствата кои ги добива од Агенцијата за млади и спорт, како федерација и на клупско ниво. Благодарност за досега добиеното, за кое со начинот на спроведување на програмите и постигнати резултати сме гордост во македонскиот спорт. Овие момци и девојки и нивните тренери покажаа дека заслужуваат и многу повеќе, за и тие самите, а и оние кои се покрај нив да продолжат уште попосветено во следните предизвици. А во нив падови и блескави моменти секогаш ќе има, но ние продолжуваме. Со верување дека во иднина поддршката ќе биде уште поквалитетна, како награда за сите кои придонесуваат во врвните резултати, но и порамномерна распределба и еквивалентен одговор на она што се остварено. Многупати е потврдено дека успесите во спортот се најголемиот поттик кај целокупното население во земјата и најдобар амбасадор надвор од неа, а здравата младина е нашата иднина, во спортот и воопшто во општеството. Затоа, браво момци и девојки, вие како и секогаш го направивте своето, а сега е ред е на надлежните државни органи и институции да ги вреднуваат вистинските резултати.