< назад

Карате репрезентацијата на Македонија на прием во Агенцијата за млади и спорт

Карате репрезентацијата на Македонија беше во посета на Агенцијата за млади и спорт, по освоениот сребрен медал на Фахик Весели и четирите 5. места на Европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори У21, кое се одржуваше во Сочи Русија.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски им честиташе на каратистите за одличниот настап на Европскиот шампионат. Тој напомена дека агенцијата секогаш ќе биде тука за подршка на нашите каратисти, а поготово за генерацијата од 16 и 18 години, во која сите натпреварувачи се потенцијални кандидати за пласман на Младинските олимписки игри во Буенос Аирес оваа година.

Тренерите на репрезентациите во кумите и кати Александар Кузмановски и Стојан Андриевски се заблагодарија на Агенцијата за млади и спорт, која финансиски помага на нашите каратисти за што подобар настап. Тие изјавија дека се задоволни од прикажанато на своите каратисти и ветија дека и во иднина ќе продолжат да ја радуваат македонската јавност со нови медали.

Единствениот освојувач на медал на овој шампионат Фахик Весели, изјави дека е пресреќен што успеа да донесе одличје за Македонија и вети дека ќе продолжи со напорни тренинзи и ќе даде се од себе да се пласира на младинските олимписки игри во Буенос Аирес. Покрај Фахик, потенцијални кандидати за пласман во Буенос Аирес, се и освојувачите на 5. места, Марио Свинарски и Столе Смилковски.

Претставничките во категоријата на помлади сениорки У21, Драгана Манговска и Вероника Костовска беа на чекор до медал, но 5те места се поттик да продолжат со поголеми мотиви уште повеќе да тренораат за медал на следното големо натпреварување.