< назад

КФМ го промовира „YouTube“ каналот

Состојбите со глобалната пандемија го детерминираат животот во секоја сфера, па и во спортот. Последиците се огромни, за првпат се одложени летните Олимписки игри во Токио а претходно беа откажани или одложени голем број европски, светски првенства и стотици важни настани во сите спортови, многу квалификациони турнири за олимписка норма во Токио. Голем дел од тие европски и светски првенства воопшто нема да се одржат. Ако се гледа пошироко, не само на краток временски период, сето тоа тоа предизвика застој и пореметување во животниот ритам, но и на спортски план. Kако КФМ, со оглед на формата на неколкумина докажани спортисти со медали на големи натпреварувања, најмногу не погоди неодржувањето на Европското првенство во Баку, а покрај тоа се откажаа неколку Премиер лиги и квалификациониот турнир во Париз за обезбедување олимписка норма за Токио. Но, нашите спортисти продолжуваат со активности во услови на карантин и индивидуални тренинзи и заедно со селекторите и тренерите, како федерација се обидуваме да ги одржиме спортистите во тренажен процес иако се во значително отежнати услови.

Како спортска организација надлежна за еден од спортовите кои многупати се покажале како најполезни по здравјето, имаме обврска да им дадеме пример на сите спортисти, соседи и на сите граѓани како да го поминат времето, да ги извлечеме од психозата која е присутна кај сите и да ги мотивираме и физички, и визуелно, а и психолошки во овие тешки моменти за целиот свет.  

Кон таа цел, јакнење на ментален и на физички план во услови на глобална пандемија, кога веќе три месеци се минимизираа спортските активности, Карате федерацијата на Македонија отвори „YouTube“ канал на КФМ, каде што ги презентираме активностите во период кога нема натпревари, ниту организирани тренинзи. Може да го најдете линкот под наслов „Karate federacija na Makedonija video channel“. Почнавме со најуспешните сениори, со освојувачи на европски и светски медали, носители на признанија Спортисти на годината, добитници на стипендии од Светска и од Меѓународна категорија на Агенцијата за млади и спорт. Сите тие со својата дисциплина и одговорност  чувствуваат обврска, со посветен однос да дадат придонес во вонредни услови на живеење. Во кратките видеа нашите најдобри каратисти презентираат дел од своите вештини во услови на изолација, спроведуваат модифицирани тренинзи, во спалните и дневните соби, во дворовите, во затворен или отворен простор, секој според можностите, согласно препораките на надлежните институции. Деновиве ќе продолжиме и со помладите спортисти, како и дел од поискусните, кои се активни во услови на изолација.
Ваквите активности, во услови кога нема натпревари, ги презентиравме во средата на Видео конференцијата со претседателот Светската карате федерација (WKF), Антонио Еспинос. Оваа идеја се спроведува во некои земји на регионално ниво, па и пошироко. Уште позначајно на глобален план прави WKF, со инспиративни пораки преку акциите „StayActive“, „StayStrong“, „LearnKaratewith…“, како и разни забавни содржини, квизови и други активности. 

Истите се во период кога и Светската карате федерација прави низа напори да ги одржи во мобилност каратистите од 200 земји во целиот свет. Еден од најважните заклучоци на серијалот Видео конференции на претседателот на WKF Антонио Еспинос и претседателите на националните карате федерации беше токму адаптација на спортистите и националнте федерации во услови на коронавирус и придонес во справувањето со глобалната пандемија. Со сето ова се информирани и во Меѓународниот олимписки комитет (IOC) со кого WKF има одлична соработка, особено што покрај промоција на каратето како спорт кој ќе биде застапен на Олимписките игри во Токио, овие активности имаат уште поширока, глобална општествена димензија во време на пандемија.