< назад

Јакупи и Мисини со злато, Костовска сребрена, а Исмаил и Стефановска бронзени на првиот ден од Балканското првенство во Истанбул

Пет медали од кои две златни на каратистите на Македонија на првиот ден од Балканското првенство во Истанбул. Со златен медал се закитија Берат Јакупи во -84кг. и Мурсел Мисини во -75кг. Сребрена беше Вероника Костовска во -61кг., а во истата категорија со бронза ја освои Наташа Стефановска. Во -75кг. покрај златото на Мисини, бронза освои и Азиз Исмаил.

Европскиот вицешампион од минатата година во категоријата -84кг. Берат Јакупи својот пат до златото го започна со минимални победи од 1-0 во првите две кола против Словенецот Матија Матијевиќ и Алвин Караџи од Косово. Во 3. коло Јакупи беше подобар од Србинот Анастасиос Ентерос со 2-1, а во полуфиналето беше убедлив против Хрватот Звонимир Живковиќ со 4-0.

Во големото финале Јакупи со уште една сигурна борба и победа од 6-1 над Црногорецот Никола Маловиќ се радуваше на балканската титула. 

 

Во истата категорија свој настап имаа и Петар Спасеновски и Виктор Крстевски кои загубија во својата прва борба. Спасеновски беше поразен од Анес Чонго од Босна и Херцеговина со 2-0, а Крстевски загуби од Звонимир Живковиќ од Хрватска со 2-1.

Второто злато за Македонија на првиот ден од Балканското првенство го донесе Мурсел Мисини во категоријата -75кг. кој во големото финале по судиско изјаснување го совлада Блодин Пакаштица од Косово. 

Во својот пат до финалето Мисини беше подобар во првото коло по судиско изјаснување од Турчинот Атес Доган, во второто коло од Марин Бркиќ од Босна и Херцеговина со 2-0, Бугаринот Стефан Петков со убедливи 8-0, а во полуфиналето беше подобар од вториот македонски претставник во оваа категорија Азис Исмаил со 4-1.Исмаил по поразот од Мисини во ½ финалето во репасажот го совлада Марин Бркиќ од Босна и Херцеговина со 2-1, со што и донесе бронзен медал на Македонија. Претходно во главниот ждреб Исмаил ги совлада Ригенс Керчуку од Албанија со 5-0 и Јусуф Суљич од Босна и Херцеговина со 5-1. Во -67кг. свој настап имаа и Петар Заборски и Доан Османи. Заборски во 1. коло беше слободен, во второто го совлада Озбај Ибрахим Хаки од Турција со 2-0, а во 3. коло по судиско изјаснување загуби од Албанецот Беким Баша. Доан Османи својот настап го заврши на самиот старт, каде беше поразен од Менсур Џозиќ по судиско изјаснување, при резултат 4-4.

Првиот сребрен медал за Македонија на првенството во Истанбул го донесе Вероника Костовска во категоријата до 61кг. Костовска во финалето во оваа категорија загуби од Бугарката Ивет Горанова со 3-0. Претходно во 1. коло Костовска ја совлада Дијана Миљаниќ од Црна Гора со 2-1. Во втората своја борба ја декласираше Ајбуеке Пунар Нур од Турција со 7-1, а во 3. коло по судиско изјаснување ја победи Делфина Тадиќ од Босна и Херцеговина. Во полуфиналето Костовска беше убедлива против Србинката Наталија Станојевиќ со 6-0.

Во истата категорија на бронзениот медал се радуваше Наташа Стефановска. Во полуфиналето исто како и Костовска во финалниот меч, Стефановска беше сопрена од Бугарката Ивет Горанова со минимални 1-0. Во натпреварот за бронзениот медал Стефановска поради прв освоен поен беше подобра од Црногорката Јелена Максимовиќ.  Во главниот ждреб Стефановска ги совлада Аделина Рама од Косово по судиско изјаснување и Милица Гарибовиќ од Србија со 6-0.

Во категоријата -68кг. кај дамите Бојана Манева преку репасажот успеа да стигне до 7. место. Во главниот ждреб Манева во 1. коло беше слободна, во 2. беше подобра од Румејса Јилдиз од Турција поради прв освоен поен, а во 3. коло загуби од новата шампионка Марина Раковиќ од Црна Гора со 2-0. Во репасажот во Манева загуби од Србинката Марина Радичевиќ со минимални 1-0. Покрај Манева, свој настап во категоријата до 68кг. имаа и Ангела Мојсовска  која беше сопрена во 3. коло од Ивана Бебек од Хрватска со 2-0 откако претходно ги совлада Саније Серај Кочали од Турција со 3-0 и Белма Омеровиќ од Босна и Херцеговина со 2-0. Блерта Бекири во 1. коло ја победи Црногорката Василиса Бујиќ со 3-2, а во второто загуби од Анита Тадиќ од Босна и Херцеговина 2-1. Моника Стефановска својот настап го заврши уште на самиот старт каде беше поразена од Србинката Сања Цвркота со 3-0.

Како седмо пласиран настапот во Истанбул го заврши и Давид Петков кој и покрај поразот во 1. коло од главниот ждреб од Лука Кондиќ од Хрватска со 3-1, во репасажот во првото коло го совлада Адин Балта од Босна и Херцеговина, а во второто поради судиска одлука ја загуби победата од Ерчан Цакар од Турција. Останатите македонски претставници во оваа категорија својот настап го завршија во 1. коло. Ненад Келебиќ загуби од Берк Ерол со 4-0, Роберто Ацковски беше поразен од Рајли Муцолари од Албанија со 3-2, а Димитар Илиевски од Бугаринот Васил Ривов со 3-2.

Во тешка категорија во машка конкуренција Жарко Арсовски стигна до 3. коло каде поради прв освоен поен загуби од Џорџе Тесановиќ од Србија. Претходно во првото коло Арсовски беше слободен, а во второто со минимални 1-0 го совлада Мухамет Каја со 1-0. Семир Ќосовиќ во истата категорија загуби во својата прва борба од поради прв освоен поен од Карло Рагуз од Хрватска.

Во кати, Маријана Димоска и покрај поразот во 1. коло од Бисерка Радуловиќ од Црна Гора, преку победите во репасажот над Ника Јукиќ од Хрватска со 4-1 и Нур Ај Бејза од Турција со 5-0 стигна во борба за бронзениот медал каде загуби од Бојана Младежиќ од Србија со 5-0 и на крајот заврши како 5. пласирана. Сестрата близначка на Маријана, Мишела Димоска во првото коло беше слободна, во второто ја победи Миа Рогановиќ од Црна Гора со 3-2, а во третото загуби од Катарина Пиперин од Србија со 4-1. Последната македонска претставничка во кати Пулексенија Јовановска загуби на самиот старт од Влатка Киук од Хрватска со 3-2.

Кај мажите Георги Бановски заврши на 9. позиција откако во првото коло од репасажот загуби од Пењо Пенев од Бугарија со 5-0. Во главниот ждреб Бановски го совлада Атила Бартинцки од Романија со 5-0 во првото коло, а во второто беше поразен од Енес Сефа Ибрахим од Турција со истиот резултат. Останатите македонски претставници настапот го завршија во своите први борби. Ферри Исиќ откако во 1. коло беше слободен, во 2. загуби од Стефан Сувајчевиќ од Србија со 5-0, а со истиот резултат загуби и Јован Васиќ во дуелот со Андрија Станковиќ исто од Србија. Најтесно со 3-2 загуби Александар Спасовски од Бугарниот Богдан Бонев. 
По првиот ден на Балканското првенство во Истанбул, Македонија се наоѓа на 3. позиција на табелата со вкупно 5 освоени медали, од кои 2 злата.