Со длабоко жалење ве известуваме дека почина Зоран Ѓоргески, истакнат спортски работник и пријател на каратето, кој повеќе од 15 години беше член на Извршниот одбор на Карате федерацијата на Македонија, како и вршител на повеќе значајни функции.
Карате федерацијата на Македонија загуби признат спортски работник, кој како голем професионалец во својата струка, даде значаен придонес во развојот и популаризацијата на карате спортот.
Роден е во Крушево, на 3-ти јуни 1953 година.
Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, во својата работна кариера најпрво бил главен просветен инспектор а потоа и виш самостоен советник во Министерството за образование и физичка култора на РМ. Својата кариера до своето пензионирање ја продолжува на Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје каде ја обавува функцијата Генерален секретар. Зоран Ѓоргески е еден од основоположниците на Друштвото на гимнастичарски спортови - „Партизан“.
Член на Извршниот одбор на Карате федерацијата на Македонија станува во 2006тата година а подоцна и генерален секретар на Федерацијата. Ѓорѓески дава огромен придонес во создавањето на повеќе нормативно-правни акти кои активно се применуваат до денешен ден а истите го уредуваат начинот на делување на поголемиот дел на телата и комисиите на Федерацијата.