< назад

"IN MEMORIAM" Esat Delihasan

Kако последица од корона вирусот денес почина претседателот на Турската карате федерација и член на Извршниот одбор на WKF господинот Есат Делихасан.

Во име на Карате федерацијата на Македонија, претседателот Горан Милковски упати сочувство до Турската карате федерација (TKF), до Светската карате федерација (WKF), до Европската карате федерација (EKF) и до Медитеранската карате Унија (MKFU).

„Карате федерација на Македонија изразува најдлабоко сочуство за големата загуба од прераната смрт на Есат Делихасан. Сите сме во шок од страшната вест, која ја примивме со недоверба. Светот загуби човек полн со живот, со енергија и полн со идеи кои ги резлизираше и кои го водеа во неговиот живот. Човек кој целиот живот го посвети на каратето, како врвен натпреварувач, тренер и како вистински лидер. Работеше неуморно и посветено на секое ниво, имаше секогаш време за сите, од локално ниво, балканско, медитеранско, па се до европско и светско. И секаде беше ценет и служеше за пример за еден врвен професионалец, кој секогаш бараше начин да го издигне каратето на што повисоко ниво. И успеа во тоа! Со огромен ентузијазам ги гледаше сите настапи на турските каратисти кога се бореа за светските и европските титули. Честопати заедно се радувавме и искрено си честитавме за успесите и на турските и на македонските каратисти. Со нетрпение очекуваше да ги види своите спортисти на Олимписките игри, како еден од најзаслужните што каратето стана олимписки спорт за О И во Токио. Ги организираше во Турција најголемите настани во каратето, од Европски првенства, К1 Премиер лиги, голем број меѓународни и домашни турнири. Дури и кога други држави се откажуваа, Есат со својот тим секогаш беше подготвен да го преземе ризикот и да го прифати предизвикот. Најмногу поради него и неговите заслуги каратето во Турција стана еден од водечките спортови, а турските каратисти секогаш беа меѓу најдобрите и како нација многу често најдобро рангирана во светот. И тоа го знаеја сите, а со посебен пиетет беше пречекуван и од претседателот на Турција, господинот Ердоган“. 

Со прераното заминување на Есат Делихасан загубија сите, од многубројните пријатели во каратето во Турција и во светот, но најмногу загуби неговото семејство. Сите ние кои сме во каратето сме денес сме со нив во мислите и екстремно тажни поради оваа огромна загуба, која и секогаш ќе ја чувствуваме како ненадоместлива. Ќе го паметиме како човек со цврст карактер, ентузијазам, посветеност, но пред се, како позитивна личност. 

Нека ти е вeчна слава, Есат Делихасан.
Почивај во мир !

Ви го препраќаме и линкот од обраќањето на претседателот на WKF Антонио Еспинос по жалната вест за смртта на Есат Делихасан.

WKF жали по смртта на членот на Извршниот комитет Есат Делихасан.