< назад

Годишно собрание на Карате федерацијата на Македонија

Карате федерацијата на Македонија во домот на хуманитарни организации Даре Џамбаз во Скопје го одржа редовното годишно собрание, на кое присуствуваа претставници од најголем број регистрирани клубови кои се членки на Карате федерацијата на Македонија. Минатата година е оценета како историска која беше уште поуспешна од 2016 кога бевме прогласени за најдобра спортска федерација во Македонија, а во последните неколку години со Ракометната федерацја сме постојано во борба за најдобра федерација во нашата земја. 

Во своето обраќање кон присутните, претседателот на Карате федерацијата на Македонија, Драган Стојановски изјави дека ова беше една од најуспешните години во историјата на каратето во Македонија. 

Како доказ за тоа се освоените две медали на Европското првенство во Турција, среброто на Берат Јакупи и бронзата на Јована Георгиева, како и две петти и две седми места, кои досега се најдобри резултати на едно континентално натпреварување. Тоа значи дека од 12 индивидуални категории имаме половина во првите 8 што е потврда за одличната работа на нашите спортисти кои доаѓаат од различни клубови и градови.

 

Со бронзен медал се закити и Петар Заборски на европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори У21 кое се одржуваше во Софија.

Петтопласиран и на европскиот, но и на светскиот шампионат беше Марио Свинарски, кој заедно со уште неколку млади каратисти е еден од претендетите за настап на Младинскиот олимписки игри, кои оваа година ќе се одржат во Буенос Аирес. Младите каратисти на Македонија, покрај настапот на Европското и Светското првенство во декември на балканското направија најдобар резултат со 9 златни, 9 сребрени и 12 бронзени медали. Карате федерацијата на Македонија, е федерација која поради одличните резултати добива најголема помош од Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет, а како доказ за ова се и освоените четири статуетки на годишното доделување на награди за најдобрите во македонскиот спорт. Историски се и четирите стипендии од Меѓународниот олимписки комитет кои ги доби токму каратето за подготовка за учество на летните олимписки игри во Токио 2020. Тие се третина од  вкупниот број стипендии во сите спортови во Македонија. Во изминатата 2017. беше прославен и златниот јубилеј, 50 години карате во Македонија, на кое присуствуваа претседателите на сите балкански карате федерации, со што уште еднаш се покажа дека Карате федерацијата на Македонија е ценета и надвор од своите граници.

На собранието беа прифатени годишните извештаи на натпреварувачката, дисциплинската, судиската, лекарската и комисијата на комесарите, како и финансискиот извештај за 2017 година, заедно со финансиските планови за национална и меѓународна програма за 2018.

Свое обраќање имаше и спортитстот на Македонија на 20. век и потпретседател на Македонскиот олимписки комитет Шабан Трстена. Трстена напомена дека каратетот во последните десет години е индивидуален спорт број еден во Македонија, нешто што беше борењето во времето кога тој ја претставуваше нашата земја на големите натпреварувања. Трстена додаде дека каратето го потврдува својот напредок од година во година со континуирани резултати во сите возрасни категории, што е потврда дека има добар и квалитетен систем на организираност на федерацијата. Тој исто така им порача на сите спортисти и тренери дека со добивање на статус олимписки спорт во иднина треба да работат многу попосветено и понапорно, затоа што и сите други противници особено од спортските велесили ќе вложуваат многу повеќе во каратето. Во 2018 е шанса за нашите млади каратисти кои влегуваат во возрасна категорија да се борат за норма за младинската олимпијада во Буенос Аирес, а исто така за сениорите кои се во олимпискиот циклус за Токио 2020 година. Затоа треба сите сериозно да пристапат на тренажниот процес и на исполнување на зацртаната програма.

На годишното собрание свое обраќање имаа и тренерите на националните репрезентации на Македеонија, Стојан Андриевски во ката и Александар Кузмановски во кумите за кадети и јуниори кои ветија дека и во 2018 исто како и во претходната година ќе продолжат со работата со сите репрезентативци и се надеваат дека наредната година ќе биде уште поуспешна од 2017.

 

Претседателот на судиската комисија Боби Војдиновски е презадоволен од работата на македонските судии. Тој изјави дека судискиот тим на нашата земја брои 15 европски судии, што не става на една од лидерските позиции на стариот континент во оваа категорија.

Свое обраќање имаше и претседателот на лекарската комисија Ѓоре Дервишов, кој им се заблагодари и на спортистите, но и на тренерите на карате клубовите во Македонија, за одличната подготовка на своите натпреварувачи, со која ја намалуваат работата на докторите.

Карате федерацијата на Македонија во 2017 ги реализираше сите планирани активности, а со уште позасилено темпо продолжува во 2018 година. Во неа има два големи настана за сениорите, Европското првенство во Нови Сад и Светското првенство во Мадрид. Во меѓувреме и седум Премиер лиги коли се важни за одржување во Топ 50 натпреварувачи, што е приоритет кај сениорите. Кај помладите категории има Европско првенство во Сочи за кадети јуниори и У21, а за неколку наши најдобри кои се во возрасна категорија меѓу 16 и 18 години Младинската лига во Софија и Светскиот куп во Умаг, кои се квалификации за младинските олимписки игри. Покрај нив, според календарот се планирани настапи на трите балкански превенства во сите возрасни категории, викенд подготовки, базични и завршни подготовки пред големите натпреварувања. Сите тие и другите планирани активности ќе бидат помогнати во рамките на можностите на КФМ, пред се од средствата кои се планирани од Агенцијата за млади и спорт, делумно и од Македонскиот олимписки комитет.