< назад

Девет медали, од кои четири златни за нашите каратисти на вториот ден од Балканското првенство за кадети, јуниори и У21 во Дубровник

На вториот ден од Балканското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори У21 кое се одржува во Дубровник, Хрватска, нашите каратисти освоија 9 медали од кои 4 злати, 1 сребро и 4 бронзи.

Во -84 кг. во У21 Петар Спасеновски стигна до златото откако во големото финале со минимални 1-0 го совлада Хамза Чајиќ од Босна и Херцеговина. Претходно Спасеновски беше подобар од Самед Гок од Турција и Ентерос Анастасиос од Србија со 1-0 и Ренато Решетар од Хрватска и Бојан Јовановиќ од Србија со 5-0.

Второто злато во истата старосна категорија, но до 75кг. за Македонија го донесе Доан Османи. Османи со идентични 3-0 во 1. и 2. коло ги совлада Енес Булут од Турција и Андрија Мариќ од Србија. Во полуфиналето беше подобар од Марин Бркиќ со 6-3, а во големото финале го победи Владимир Лапчевиќ од Србија со 2-0.

Во У21 со медали се закитија и Столе Смилковски и Фахик Весели во -60кг, како и Стефан Апостоловски во -67. Смилковски во категоријата до 60кг. заврши како втор, откако во големото финале загуби од Црногорецот Ненад Дуловиќ со 4-2. Во истата категорија Фахик Весели во мечот за бронза го победи Кристијан Лацковиќ од Хрватска со 6-2. Бронзен беше и Стефан Апостоловски во -67кг. кој во македонското дерби со 2-1 го доби Константин Василевски.

Кај јуниорите нашите каратисти освоија две медали. Абдурахим Идризи беше златен во категоријата до 55кг, а Глигор Петков во +76 се радуваше на бронзата. Идризи во финалната борба со сигурни 3-0 беше подобар од Мухамед Сумар од Босна и Херцеговина. Претходно тој ги совлада: Србите Никола Лазовиќ со 4-3 и Марко Михајловиќ со 3-0 и Хрватот Јаков Фембер со 3-0. Глигор Петков во +76 во малото финале беше подобар од Алекс Клобаша од Словенија со убедливи 10-2.

Во кадетска конкуренција во -63кг. златото го освои Омер Муслији. Тој првите две кола против Тимон Адамиќ од Словенија и Кенан Мемишевиќ од Босна и Херцеговина ги помина без изгубен поен. Во 3. коло го победи Марио Петре од Романија со 3-1, во ½ финалето беше подобар од Омер Сахити од Косово со 2-0, а во финалето славеше над Бугра Емир Генчан од Турција со 2-1.

Како бронзен кај кадетите во категоријата до 52кг. заврши Бојан Костов, кој во малото финале триумфираше над Божидар Јекниќ од Црна Гора со 3-0.

На вториот ден се одржа и Свеченото отворање на Балканскиот шампионат, на кој учествува вкупно 781 каратсит од 12 земји.

Целосните резултати од вториот ден на Балканското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори У21 во Дубровник, Хрватска можете да ги погледнете на следниот линк:

https://www.sportdata.org/wkf/set-online/veranstaltung_info_main.php?active_menu=calendar&vernr=288#a_eventhead