< назад

Четврти европски медал за Емил Павлов, Пулексенија Јованоска на 5-то место

Емил Павлов оствари уште еден голем успех на европските првенства. Најдобриот спортист на Македонија за 2018 година ја доби борбата против Романецот Флорин Гоголоси со 3-2 и го освои бронзениот медал на 54-то европско првенство во Гвадалахара, Шпанија. Иако противникот прв ги освои првите 2 поена во првата половина од борбата, Емил со смиреност својствена на најголемите шампиони, одлична тактика и ментална сила успеа во втарата половина од борбата со три брзи акции да освои три поени и да се избори за голем пресврт. На крајот со својот четврти медал на европските сениорски првенства го повтори успехот од Монпелје 2016 година. Во 2014 година во Тампере беше европски шампион, како и минатата година во Нови Сад. Во Гвадалахара Емил постигна 4 победи и само еден пораз, во полуфиналето од Русинот Плахутин. Со овој успех Емил избори за норма за настап на вторите Европски игри, кои ќе се одржат во Минск од 26 до 30 јуни. На првите Европски игри во Баку пред 4 години Емил Павлов беше одреден за знаменосец, а станма и прв освојувач на медал за македонските спортисти.

Борба за бронзен медал имаше и Пулексенија Јованоска, која во кати мина три круга и се спротивстави на Французинката Александра Ферачи. Според новиот бодовен систем, на крајот Пулексенија имаше 25.46 поени а противничката 26.08 која освои бронзен медал. Пулексенија го повтори својот најдобар сениорски резултат од Монпелје 2016 година, кога исто така заврши со пласман на 5 место.

Од другите наши натпреварувачи на ЕП во Гвадалахара, три победи во категорија - 84 килограми имаше Берат Јакупи, кој по поразот во четвртфиналето немаше можност да се бори во репасаж. Во женска конкуренција Наташа Стефановска оствари 2 победи и пораз, но и таа не доби репасаж. Екипно, машкиот тим во борби постигна 2 победи и пораз, а девојките екипно по една победа и пораз.

На ЕП во Гвадалахара настапија рекордни 508 каратисти од 51 земја. За нашите каратисти е особено важно дека продолжи континуитетот на освојување медали на европските првенства.Следното 55 по ред сениорско европско првенство ќе се одржи во Баку, Азербејџан од 26 до 29 март 2020 година, што ќе биде последно големо натпреварување пред Олимписките игри во Токио.