< назад

Четири спортски оскари за нашите каратисти

На изборот на најдобрите спортисти за 2017 година, како и во претходните неколку години Карате федрацијата на Македонија имаше најмногу номинации заедно со Ракометната федерација.

Признанието за најдобра спортистка го освои Јована Георгиева, која на Европското првенство во Кочаели го освои бронзениот медал во категорија -55 кг.

Златна статуетка освои и Петар Заборски за најдобар млад спортист, освојувач на бронзен медал во -75 кг на Европското првенство во Софија за помлади сениори и победник на Светскиот куп во Умаг.

Најдобра млада спортистка на Македонија е Симона Симовска со пласманот на 9 место на Светското првенство во Тенерифе, а во категорија најдобра екипа во Универзитетскиот спорт е женскиот тим во борби при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во состав Наташа Стефановска, Симона Заборска, Моника Стефановска и Сара Радичевска.

Вицешампионот од Европското првенство во категорија -84кг Берат Јакупи, според многумина беше главен фаворит за признанието спортист на годината, но остана без позлатената статуетка, иако реално имаше најголем спортски резултат во 2017 година.

Во финалната листа на номинации беа и Петар Белистојаноски во категорија тренер на национален тим/селектор, како и Карате федерацијата на Македонија како најуспешна спортска организација.

На изборот присуствуваше и Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев кој ја додели наградата за најдобар спортист, а во своето обраќање вети дека државата уште повеќе ќе инвестира во спортот. Дел од оскарите беа и многу спортски легенди, поранешни и сегашни спртисти, спортски работници, претседатели на Национални спортски федерации, градоначалници и министри.