< назад

Бесник Мурати, добитник на еднократната награда 8ми септември

Голема чест е што Карате федерацијата на Македонија доби уште едно признание на денот на независноста 8 септември. Бесник Мурати е еден од добитниците на еднократна награда за исклучителен придонес во спортот. Роден во 1956 во с. Пирок, Тетово и целиот свој живот му го посвети на каратето како натпреварувач, тренер и спортски работник во каратето кое го практикува повеќе од 50 години. Како спортски работник, тој е основач на КК „Шкендија", исто така и основач на Карате Академија на Македонија и долгогодишен спортски работник во Карате федерацијата на Македонија, каде што во неколку мандати е член на Извршниот Одбор на КФМ, како и со функција потпретседател.

Мурати е дел од најголемите успеси на македонските каратисти во последните 12 години, кои според резултатите и начинот на организираност се најуспешни спортисти во сите спортови во Македонија, со врвни резултати во континуитет на светски и европски првенства, каде што главно е во улога на шеф на делегација на КФМ. Дел од најзначајните врвни резултати за кои има дадено придонес како спортски работник во презентација на федерацијата се сениорски трофеи од европски првенства меѓу кои се златните медали на ЕП на Емил Павлов и Наташа Илиевска, среброто на Берат Јакупи, бронзата на Ардита Исени, како и на другите наши врвни каратисти. Истото се однесува и на европските и светските првенства во помлади категории каде што КФМ има голем број медали во споменатиот период. Покрај улогата во претставување на федерацијата, како спортски работник е дел од тимот кој има значаен придонес во зацврстување на угледот на КФМ во меѓународните организации како што се Светската, Европската, Балканската и Медитеранската карате федерација.

Оваа награда на Бесник Мурати е уште едно големо признание за сите кои се дел од Карате федерацијата на Македонија, која официјално е трипати прогласена за најуспешна спортска организација во последните осум години, а во 2019 година долгогодишниот претседател Драган Стојановски го доби најпрестижното признание „8 септември“ за животно дело во спортот.